Италијанскиот новинар Ларис Гајсер го бара вниманието на македонската јавност и најави факти за „Рекет“

Утре, 13 август, во 11 часот, италијанскиот новинар кој ги објави снимките за „Рекет“ во весникот „Ла Верита“, ќе гостува во живо на словенечкото Радио Каподистриа, најави денеска тој на својот Фејсбук профил.

Во најавата тој ја повикува Македонија и најавува дека ќе се зборуваат факти, што сугерира дека во разговорот можеби ќе бидат објавени и нови детали поврзани со случајот „Рекет“. Дали навистина ќе биде така, или Гајсер едноставно се обидува да привлече публика и да ги искористи своите пет минути, македонската јавност ќе дознае утре. Лајвстримот ќе можете да го слушате на следниов ЛИНК:

https://capodistria.rtvslo.si/zivo/capo

Инаку, во последното видео посветено на „Рекет“ кое го објави „Ла Верита“, Гајсер соопшти дека располага со уште материјали, но се разгледуваат повеќе аспекти околу нивното евентуално објавување, меѓу кои и правните.

Во меѓувреме, Гајсер на својот профил ја сподели и најновата колумна на Џејсон Мико – поранешниот почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона, а воедно и лобист и консултант на ВМРО-ДПМНЕ, како и жесток противник на Преспанскиот договор кој во низа колумни ги повикуваше Македонците да не го даваат името.

- Реклама -