Италија забрани производство и продажба на „месо“ од лабораторија

Италија го забрани производството и продажбата на „култивираното месо“, наведувајќи ги здравствените проблеми и потребата да се заштитат сточарите, дури и ако производот сè уште не е одобрен за продажба во ЕУ.

Во четвртокот, Италија стана првата земја во Европската унија што го забрани „култивираното месо“, произведено во лабораторија од клетки од животинско ткиво.

Законот за ова, кој го одобри Парламентот со закана со високи казни, забранува и опишување на протеините од растително потекло како „месо“.

Многу компании ширум светот продаваат „алтернативи за месо од растително потекло“ кои се рекламираат како решение за етичките прашања околу индустриското земјоделство и решение за животната средина, бидејќи сточарството е една од главните причини за емисиите на стакленички гасови.

Продажбата на „култивирано месо“ во моментов е дозволена во Сингапур и во САД, но не и во ЕУ, иако европските компании собраа средства за финансирање на истражување за тоа. ЕУ го смета „одгледуваното месо“ за „нова храна“ и како такво, како и секој нов производ, треба да добие одобрение за ставање во промет.

Италијанскиот министер за земјоделство Франческо Лолобриџида рече дека „култивираното месо“, „го раскинува благородниот однос меѓу земјата, човекот и работата што нè придружуваше со милениуми и ни овозможи да ја обработуваме земјата“.

Италијанската невладина „Меѓународна организација за заштита на животните“ смета дека новиот закон е непотребен „бидејќи “култивираното месо’, сè уште не е одобрено за човечка исхрана во Европа и затоа не може да се пласира на пазарот“.

МИА

- Реклама -