Италија размислува да воведе платено менструално отсуство за жените

Италија е на пат да стане првата земја во Европа што ќе нуди платено менструално отсуство за жените кои страдаат од менструални болки. Долниот дом на парламентот на Рим почна дискусија за предлог закон, кој италијанскиот женски магазин го нарече „симбол на прогресот и социјалната еднаквост“.

Ако помине, полисата ќе значи дека сите компании и работодавци во Италија ќе бидат приморани да им дадат по три екстра слободни денови во месецот на жените кои имаат болна менструација.

Но не се сите жени среќни со таков закон, бидејќи и во Италија, во пракса ефектот знае да биде поинаков. Главната критика се однесува на тоа дека со ваков закон работодавците два пати ќе размислат пред да вработат жени. Што ќе биде сериозен капак на и онака лошата ситуација – само 61% од жените во Италија работат, во споредба со европскиот просек од 72%, а италијанските работодавци и без тоа се пофокусирани на вработување на мажите.

Ако законот помине, Италија ќе им се придружи на неколку други земји во кои важи истото правило. Такво легално право жените во Јапонија имаат уште од 1947 година, макар што заради стигмата, многу од жените не го користат во пракса. Тајван, Јужна Кореја и Индонезија исто така имаат закони на сила кои гарантираат слободни денови за жените кои страдаат од болни менструални циклуси.

Такви примери има и меѓу одредени компании. Лани се прослави бристолската Coexist, која воведе менструално отсуство и покрај тоа што поголемиот дел од вработените се жени. „Мерката е со цел да се создаде посреќна и поздрава работна околина“, изјави тогаш Бен Бакстер – директор на Coexist. „(Жените) Се чувствуваат виновни и засрамени да земат слободни денови, и често седат на бироата во тишина, не сакајќи да признаат“.

Спортскиот гигант Nike исто така им нуди менструално отсуство на своите вработени од женски пол. Таквата полиса е на сила уште од 2007 година.

Нема дилема дека жените страдаат од менструални болки. Според Националниот здравствен сервис на Британија, на пример, 20% од жените страдаат од болки со среден интензитет (со акцент на „болки“), а кај 2% знаат да бидат и страшно интензивни.

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“
Чисто еден добар цртеж што го најдовме на темата.

Но како што рековме, критичарите имаат исто така валидни аргументи. Дури и работодавците да не преферираат да вработуваат мажи, менструалното отсуство може да резултира со продлабочување на нееднаквоста во платите меѓу мажите и жените.

„Ако инсистираме дека една група, за разлика од другата, со себе носи дополнителен сет од трошоци во пакет со своето вработување, ќе завршиме гледајќи како платите на таа група опаѓаат во споредба со платите на групата што не носи вакви трошоци“, вели финансискиот експерт Тим Ворстал за Форбс. „Провизијата за платеното менструално отсуство ќе се однесува баш во овој манир“.

Амелија Костиган – директорка на непрофитната компанија Catalyst, на платеното менструално отсуство гледа како на форма на добронамерен, ама сепак сексизам. Таа смета дека компаниите треба да обезбедат доволно слободно време и за мажите, и за жените, без потреба да знаат за што мажите и жените ќе го користат тоа време.

„Ако некој мора да си го менаџира сопствениот личен живот, тогаш тоа е нивен личен живот. А организациите треба да му веруваат на тоа лице дека ќе ја заврши работата, затоа што е одговорно за тоа“, вели Костиган.

Сепак, многумина други гледаат на менструалното отсуство како на светол потег кон посреќни и попродуктивни работни тимови.

„Менструалното отсуство е потполно опционално, а стравовите дека жените ќе го злоупотребат се по малку и понижувачки – како ние жените едвај да чекаме да го трошиме времето на компанијата јадејќи чоколади и спонтано плачејќи на слики од Еди Редмејн“, вели Кејти Розински од магазинот Grazia. Таа констатира дека флексибилното работење и поздравата работна средина бавно, но сепак преоѓаат во норма, и се надева дека за некоја година, теми како менструалното отсуство нема да бидат „интересни за медиумите“.

- Реклама -