Италија противник на Шпанија во финалето (видео)

Репрезентацијата на Италија ја продолжува традицијата на непобедливост на големите натпреварувања против Германците. Овој пат со триумф над „панцирите“ тие се изборија за финале против Шпанија на Европското Првенство во Полска и во Украина.

„Азурите“ сосема заслужено стигнаа до победа од 2-1 во полуфиналната пресметка против прикриено фаворизираните Германци благодарение на Марио Балотели кој постигна два гола уште во првиот дел со што на својата селекција ѝ обезбеди дуел против бранителот на титулата Шпанија.

Првите десет минути на средбата минаа во доминација на Германија, Буфон беше несигурен во одредени моменти но Хамелс не успеа да постигне гол откако Пирло интервенираше спасувајќи од самата гол линија. И, потоа остатокот од првиот дел помина во знакот на Марио Балотели.

Контроверзниот напаѓач на Манчестер Сити прво во 20 минута по центаршутот на Касано од неколку метри со глава донесе водство од 1-0, за потоа во 36 минута со одличен удар од околу 16 метри да обезбеди водство од 2-0 кое се покажа клучно за конечен триумф.

Германците во второто полувреме имаа иницијатива, но тешко создаваа шанси па Италија преку контра напади можеше да дојде и до уште поубедлив триумф но три 100% можности на Дијаманти, Маркисио и Ди Натале останаа нереализирани.

На крајот во 92 минута преку ударот од пенал на Озил, Германците стигнаа само до почесен погодок за пораз од 2-1.

- Реклама -