Тензиите растат, владите си ги мерат… мускулите, и се разбира, тоа се манифестира на луѓето. А во ерата на интернет, луѓето си ги манифестираат маките и стравовите и преку пребарувачките навики.
Според статистиката на Google Trends, толку многу се пребарува терминот „Трета светска војна“ што е поставен историски рекорд. Од податоците е очигледно дека луѓето се опседнати со идејата, повеќе со стравот, дека во наредните денови би можел да ескалира светски судир.
На почетокот загриженоста беше околу извештајот за ракетниот напад на САД врз воздухопловната база во Сирија, и одговорот на Русија на истиот, пишува International Business Times. Потоа стравот уште повеќе се зголеми поради евентуалната ескалација на судирот меѓу САД и Северна Кореја.
Кој е ликот што го подгрева глобалниот колективен страв? Се разбира, Доналд Трамп. Освен најпребаруваните термини, рекорд овој месец постави и гуглањето на фразата „Трамп војна“ („trump war“), како резултат на воените потези на американскиот претседател.
Пребарувањето на „Сирија војна“ исто така е константно високо, а гуглањето на „нуклеарна војна“ исто така е на највисока точка годинава.