Историчари од регионот протестираат против „историскиот ревизионизам“ на Бугарија во односите со Македонија

По повод злоупотребата на историјата со која владата на Република Бугарија се заканува со блокада на почетокот на преговорите меѓу Брисел и Скопје, група историчари од регионот, поточно пост-југословенските земји, испрати „Протест против злоупотребата на историјата во процесот на европската интеграција на Северна Македонија“.

Се работи за група историчари кои на 13 јуни ја потпишаа и презентираа декларацијата „Да ја одбраниме историјата“, во која се залагаат против злоупотреба на историската наука од страна на историчарите и политичките елити во регионот, односно „намерното и искривување на претставата за минатото, прилагодување на минатото заради современи политички потреби, издвојување и нагласување на посакуваните и фабрикување на непостоечки податоци, селекција на историските извори, исфрлување на сé она што не им одговара на политичките идеи и програми“.

Како што се наведува во протестното писмо, судирите околу историјата и историските симболи одново се важна политичка тема во Југоисточна Европа, со тоа што во последните месеци владата на Република Бугарија се заканува со блокада на преговорите меѓу Брисел и Скопје за членство во ЕУ, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација ја создале Тито и Коминтерната.

„Поаѓајќи од ставовите изразени во Декларацијата ‘Да ја одбраниме историјата’, ние, потписниците на ова писмо, изразуваме протест и осуда на овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата во политички цели. Сметаме дека таквиот пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но и самата Европска унија. Наметнувањето на ‘историски вистини’ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој настанале и сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право“, се вели во текстот.

Поради наведеното, потписниците бараат од историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребата на својата научна дисциплина.

„Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги поддржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребата на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови се загрозени на Балканот и во Европа, како што се различностите, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа не дозволуваме со искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обединета Европа“, се наведува во писмото.

Според потписниците, писмото го поддржале и интелектуалци и историчари во Македонија и Бугарија кои отворено се спротивстасвуваат на политичките притисоци и се борат за заштита на својата професија и професионални стандарди.

„Само солидарни можеме да ги совладаме сериозните препреки кои стојат пред нас“, се вели во текстот потпишан од проф. д-р Дубравка Стојановиќ од Универзитетот во Белград, проф. д-р Хуснија Камберовиќ од Универзитетот во Сараево, проф. д-р  Твртко Јаковина од Универзитетот во Загреб, проф. д-р Божо Репе од Универзитетот во Љубљана, доц. д-р Аднан Прекиќ од Универзитетот во Црна Гора, д-р Сњежана Корен од Универзитетот во Загреб, д-р Миливој Бешлин од Универзитетот во Белград, и други.

Како што најавија тие, протестното писмо ќе биде испратено и до Брисел и на други адреси

Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“, од друга страна, досега има над 600 потписници, од кои најголемиот дел историчари. Објавена е на повеќе јазици, не само од регионот туку и светски, а секако – и на македонски јазик. Можете да ја прочитате ТУКА.

 

- Реклама -