Исповед на една певаљка (до тие со факултет)

„BABY GIRL“.

Индира Арадиновиќ Инди, после 11 години нејзино „постоење на естрадната сцена, и толку многу песни, наслови, хитови, текстови, скандали, вистини, невистини, дезинформации, градски приказни и останати дела“, решава да напише за себе „нешто што ќе ги шокира читателите, а може и нема“.

Ние, и покрај девизата „don’t make dumb people famous“, зашто сме добричини, решивме ете, да ја чуеме и другата страна. И, сега сме така малку како поделени. Ќе пробаме да сумираме…

Во принцип, главното што треба да го знаете е дека не е лесно да си певаљка. Инди, на пример, е певаљка (чекај, рековме ли певаљка? Мислевме на „уметник“) зашто почнала да е пeв… уметница од млада, и зашто е упорен борец и не се откажува од тоа што го почнала како млада. Тоа што го почнала од млада е многу потешко од тоа што вие сте го почнале од млади. Инди, со целото свое искуство собрано уште како млада, порачува:

„Лесно ви е вас да завршите факултет, да се омажите и родите… Ама да се биде борец девојка, а сега веќе жена борец, не е лесно. А па да си нечија ќерка, сестра, пријател, другар и жена? Уште потешко и поубаво!… Зошто? Затоа што не е лесно да се наиде на вистинската личност, која во тебе ќе ги препознае сите твои квалитети од рана младост (читај: како млада), па до сега!“.

Се разбира, вие ова не можете да го знаете, зашто не сте ништо од тоа. Вие сте завршиле факултет и мислите дека тоа е животот… Јадни вие.

Во продолжение, Индира, иако благо лута што „99% од нацијата“ ја гледа само како пејачка, заклучува дека убавината и харизмата ѝ е дадена од Бога за од неа да заработува, и дека тоа да биде пејачка – што подразбира и да го слика и рекламира телото, е нејзин избор. Вели дека ужива во својата работа, а дека во животот, фала му на бога, патот ѝ бил „убав и лесен“.

Но, тоа не значи, вели Инди, дека таа „не сака да чита книги, да запишува совети на постари искусни домаќинки, да сади понекој зеленчук и цвеќе, да мота сарма, да прави ајвар, да меси леб, да ложи оган, да менува гуми и сијалици“, како вас. Уште помалку значи дека не заслужува после настап дома да си го гушне мажот и деца да ѝ крекаат дека се гладни.

„Да се биде пејачка (певаљка) е професија, и тоа убава и весела. А не одлука за начинот на живот“, завршува милата ни Индира.

Можеби вас сé ова ви звучи контрадикторно, ама таков е животот, од кој вие, нели, немате појма (зашто сте завршиле факултет). Исто како што Инди нема појма дека да избереш да си певаљка значи баш тоа – да донесеш одлука околу начинот на живот.

Еве го оригиналниот пост, од официјалниот профил на… „INDY“ било де.

А под него, постирано ова, со коментар „Фала Македонија “:

 

А ова ѝ е најновиот хит, со наслов „Чка космичка“. Сами погодувајте тоа „чка“ од што е кратенка.

Ех, лесно ви е вас… со факултет.

- Реклама -