„Исламска држава“ повика на одмазда за нападот во Нов Зеланд

По речиси шест месеци, мистериозниот портпарол на Исламска држава – Абу Хасан ал-Мухаџир, го прекина молкот. Во 44-минутна аудио снимка, споделена во понеделникот во енкриптирана форма на апликацијата Telegram, тој повика на одмазда за нападот на двете џамии во Нов Зеланд.

„Сцените од масакрите во двете џамии треба да ги разбудат оние кои беа излажани и треба да ги поттикнат поддржувачите на калифатот да ја одмаздат нивната религија“, се вели во снимката.

Toj ги осудува „крокодилските (лажни) солзи“ на оние кои жалат за жртвите во нападот и ги повика муслиманите „да ја одмаздат крвта на нивните браќа и сестри“:

„Одмаздете ја крвта на вашите браќа и сестри… Подгответе ги (експлозивните) направи, наместете ги снајперите“, вели тој во снимката.

„Искористувајќи го нападот во Нов Зеланд, Абу Хасан повикува на одмазда и ги осудува ‘крокодилските солзи’ на тие што жалат за жртвите. Интересно е како ИСИС муслиманите надвор од нејзиниот ‘калифат’ ги нарекува апостати (одметници од религијата), но штом се корисни за пропаганда, тие за ИСИС веднаш стануваат вистински муслимани“, посочи на Твитер Рита Кац – аналитичар за тероризам и коосновач на приватната разузнавачка антитерористичка организација „Search International Terrorist Entities Intelligence Group“ од Вашингтон.

 

Нападот во Крајстчрч, сепак, каде беа убиени 50 и повредени уште околу 50 муслимани, ал-Мухаџир го нарече продолжение на воената кампања против Исламска држава. Тој ги поистовети нападите со неколкунеделната битка во последниот град под контрола на ИД во Сирија.

„Го имате Багуз во Сирија, каде муслиманите горат до смрт и се бомбардирани од секакви познати и непознати оружја за масовно уништување“, вели исламистот, претставувајќи ги луѓето во градот како обични муслимани, кога всушност коалицијата верува дека мнозинството од нив се борци на ИД и нивните жени и деца.

Во снимката, ал-Мухаџир се исмева и со тврдењето на Белата куќа дека ја поразиле Исламска држава, а САД ги нарече „држава на конфузија и контрадикција, што прави било кој набљудувач од страна да не знае што всушност мислат под поимот ‘победа’“.

Иако Исламска држава изгуби сè освен мал дел од големата територија која ја контролираше во Ирак и Сирија, официјалните воени лица потврдуваат дека групата останува да биде потенцијална закана.

Што се однесува до ал-Мухаџир, тоа е измислено име зад кое стои важна фигура од редовите на терористичката група, но чиј вистинскиот идентитет е сосема непознат. Ова лице го нема ниту на фотографиите, ниту на бројните видеа на ИД, а не се познати ни речиси никакви детали од неговата лична биографија.

- Реклама -