Оштетена е таблата на која беше испишано името на новоотворениот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Информацијата за МИА ја потврдил портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
„Околу 12 часот и 45 минути во СВР Охрид пријавено е оштетување на дел од таблата поставен над просторијата во која е сместен бугарскиот културен клуб ‘Цар Борис Трети’. Екипи на СВР Охрид во моментот вршат увид на местото на настанот и се работи на расветлување на случајот“, изјави Димоски за МИА.
Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид беше отворен пред пет дена, а на денот на отворањето пред просториите се одржа протест организиран од политичката партија Левица, а поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Револтираните граѓани го изразија своето незадоволство против, според дел од нив, името на клубот.
„Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но името е провокативно“, рекоа граѓаните на протестот.
Претседателот на здружението „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски, тогаш изјави дека Здружението било отворено пред една година, запазувајќи ги сите законски процедури во државата.