Исчезнале 30 отсто од Кинескиот ѕид, тулите крадени за градба на куќи

Кинескиот ѕид во најпознатиот дел, подигнат во времето на династијата Минг, загубил речиси 30 отсто од должината, бидејќи тулите биле украдени за изградба на куќи, покажа официјалната студија која во понеделник ја цитираат медиумите.

На тој начин исчезнале околу 2.000 километри, а речиси 1.200 километри се во лоша состојба, оценува Државната управа за наследство која ги ограничи своите испитувања на сегментот долг околу 9.000 километри.

И приливот на туристи придонесува кон деградацијата на споменикот, додава ова владина агенција.

„Луѓето кои живеат во близина на Кинескиот ѕид имале навика да се служат со тулите при изградбата на своите куќи, а делови од ѕидот се уништени заради урбаната експанзија и изградба на патишта“, рече Ченг Далин, експерт на комисијата за испитување на Кинескиот ѕид, цитиран од дневниот весник Global Times.

Кинескиот ѕид не е во еден дел, туку се состои од низа делови подигнати во различни периоди, уште од третиот век пред нашата ера. Ако се сметаат и исчезнатите делови и оние настанати со природниот релјеф, вкупната должина се проценува на 21.000 километри.

/Макфакс

- Реклама -