Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека сојузникот на Иран, Хезболах, „не може сам“ против Израел, чии бомбардирања во Либан вчера предизвикаа смрт на над 550 лица.
– Хезболах не може сам да ѝ се спротивстави на земја која ја бранат, поддржуваат и снабдуваат западните земји, европските земји и САД, изјави Пезешкијан во интервју за американската мрежа Си-Ен-Ен.
Тој ја повика меѓународната заедница да „не дозволи Либан да стане нова Газа“, каде што Израел спроведува воздушна и копнена офанзива како одговор на нападот од палестинскиот Хамас, сојузник на Иран и Хезболах.
Новиот ирански претседател треба да го одржи првиот говор на Генералното собрание на ОН, кое започнува денеска во Њујорк.