Парламентарната комисија на Иран го одобри нацрт-законот со кој се предвидува токму државата да ги снабдува наркозависниците со наркотици.
Како што пренесоа техеранските медиуми, целта е да се одалечат зависниците од замките на криумчарите и дилерите. Со тоа што државните институции ќе бидат тие кои ќе ги снабдуваат потребните дроги и медикаменти, „ќе се создадат предуслови за поадекватно лечење и ослободување од зависноста“, вели Хасан Неврузи – портпарол на Правната комисија во иранскиот парламент.
Саид Сифатијан – претставник на полицискиот оддел за борба против дрогите, истакнува дека програмата за снабдување на зависниците ги опфаќа повеќето, иако не и сите видови дроги. Објаснува и дека слична пракса во Иран постоела и пред револуцијата. „Не се работи за нацрт кој може во целост да ја искорени зависноста во земјата, ама сигурно е дека може значително да го намали бројот на такви лица“, заклучува тој.
Според официјалните податоци, во Иран моментално има околу 2.8 милиони (од вкупно 80.28 милиони население, според податоците од 2016-та) зависници од разни видови дроги.
До скоро, криумчарењето и другите криминали поврзани со дрога во Иран се казнуваа со смртна казна. Во 2016-та, од вкупно 5.000 осуденици на смртна казна, 90% беа поврзани со поседување на дрога кај луѓе на возраст од 20 до 30 години, и тоа осудени по првиот прекршок. Количината или типот на дрогата не играа улога. Во меѓувреме Иран воведе амандмани кои ќе важат ретроградно и ќе поштедат многу од овие животи. Сепак, смртната казна останува да важи за тешките прекршители, а на останатите им се предвидуваат 10 до 15 години затвор со можност за жалба.