Со iPhone 5, Apple најпосле ги достигна карактеристиките со кои Андроид уредите имаа предност пред американската компанија – поголем дисплеј, 4G LTE вмрежување, како и подобрена камера, во еден компактен телефон со iOS 6.
Најзабележителното подобрување кај новиот iPhone е зголемениот дисплеј со ретина панел, кој сепак не може да се мери со огромните HD дисплеи што се наоѓаат на дел од уредите од конкуренцијата. Дали и колку ќе биде важна оваа разлика сепак ќе зависи од индивидуалното искуство на корисниците. Она во што Apple победува е фактот што iPhone 5 навистина е најтенкиот и најлесниот од моќните смартфони.
Квалитетната камера отсекогаш била приоритет за Apple, а трендот продолжува и со новиот уред. Но, дали камерата од 8 мегапиксели ќе биде доволна за да се справи со револуционерната камера што беше најавена пред само неколку дена при претставувањето на Nokia Lumia 920?
Процесорот A6 за кој Apple тврди дека ќе има двојно поголема брзина и двапати поголема графичка моќ веќе не е толку значајна предност колку што некогаш беше. Всушност, истите процесори веќе се користат во дел од уредите од Samsung, а доколку игрите ви се примарен мотив за купување на iPhone 5, тогаш можеби ќе бидете привлечени од фактот што нивната App Store има огромен број наслови.
На крајот, тука секогаш е и цената. Apple започнува со нивните стандардни цени, кои започнуваат од 150 евра под договор, со максимална претплата, за варијантата на iPhone со најмала вградена меморија, т.е. 16 гигабајти. Во споредба, цените на врвните достигнувања на конкуренцијата како што се Samsung Galaxy SIII, Samsung Galaxy Nexus, HTC One X, кај некои оператори можат да се најдат и за половина од цената, а разликите во перформансите се занемарливи, а во некои случаи и во корист на Андроид уредите.
Но, ако се одлучите за Андроид, имајте на ум дека за да го добиете полниот потенцијал на овој оперативен систем, не треба да купувате евтини телефони.