Интервјуата на Путин: Не сум жена, значи немам лоши денови

Новиот документарен филм на режисерот Оливер Стоун ги разбранува духовите на социјалните мрежи. Насловен е „The Putin Interviews“ и нуди алтернативен и релативно близок поглед кон животот на рускиот претседател. Според новинарите од новинската агенција Bloomberg, тонот во разговорите како да не е поставуван од интервјуерот, туку од интервјуираниот.

Во четирите серии ќе го видиме Путин додека сам управува возило низ вознемирувачки празните улици на Москва и споделува свои мисли на различни теми – од (според него) преувеличената геополитичка сила на САД, до тоа дека тој лично нема лоши денови, бидејќи, како што самиот нагласува, не е жена, а „во природата постојат одредени природни циклуси“.

Во едно од интервјуата, Путин љубезно го потсетува Стоун дека е „мајстор во џудо“ во пикот на добрата физичка форма.

Интересот на рускиот претседател кон спортовите е добро познат. Освен што сака хокеј, Путин раскажува и дека крева тегови и плива секој ден. Во документарецот има и сцени во кои Путин го храни со моркови својот расен коњ (кој го носи името на холандскиот физичар Јоханес Дидерик ван дер Ваалс), што зборува и за неговата љубов кон јавањето.

CNBC нагласуваат дека однесувањето на Путин (со акцент на мегаломанскиот аспект на истото) не е нешто невообичаено за рускиот претседател, кој докажано ужива кога го фотографираат кога гол до половина пука со оружје, или практикува некоја спортска активност. На пример, пред да излезе на хокеарскиот терен, на Стоун (на шега) му вели: „Мора да навиваш за мене, не само да ме гледаш“.

Прочитајте и:  Американски сенатор: Залудно е да се преговара со тиранинот Путин

Едно од ретките незгодни прашања во интервјуата се однесува на законот за забрана на геј пропагандата меѓу малолетници во Русија, усвоен во 2013 година. Стоун го прашува Путин дали тоа значи дека хомосексуалците се дискриминирани во Русија. Шефот на државата возвраќа дека „нема такви ограничувања“ и како контра-пример посочува конкретни муслимански држави во кои геј луѓето ги казнуваат со смрт. На прашањето дали би влегол под туш во подморница со хомосексуален маж, сепак, Путин низ смеа одговара дека „не би го провоцирал така, но сепак, знаете дека сум мајстор во џудо“.

На тема американската програма за противракетен штит, Путин коментира дека „денес противракетниот штит не би можел да ја заштити територијата на САД“. Никој нема да преживее „во евентуална војна меѓу нуклеарните суперсили“, вели тој.

Пред некое време Доналд Трамп го нарече Путин „многу умен“, истакнувајќи дека за разлика од поранешниот претседател на САД – Барак Обама, „тој е лидер“.

Оскаровецот Оливер Стоун висеше во друштво на Владимир Путин во периодот меѓу јули 2015-та и февруари 2017 година. Претходно има снимено филмови во кои (во позитивно светло) се презентирани и други „контроверзни“ политички фигури, како покојниот венецуелски претседател Уго Чавес и Фидел Кастро.

- Реклама -