Интернет шпионажата допрва започнува

shutterstock_16361287-e1315516993513[1]

Успехот на корисничкиот интернет може да се објасни мошне едноставно: преку поволна размена.

Охрабрени сме да пребаруваме по мрежата, да го споделуваме животот со пријателите и да ги искористиме сите бесплатни услуги. Во замена, интернет гигантите кои ги обезбедуваат овие услуги – како Facebook и Google, како и стотици други (по)малку познати компании, темелно го следат секој наш потег за да нé бомбардираат со таргетирани реклами.

Новоста е дека сега оваа „поволна и за двете страни“ (барем на почетокот) размена е ставена на тест, пред сé од страна на новите технологии. Корисниците кои до неодамна небрежно ја игнорираа заштитата на приватноста, сé повеќе чувствуваат дека ја изгубиле контролата над своите лични информации. Во меѓувреме, интернет компаниите, рекламните технолошки компании и трговците со податоци продолжуваат да воведуваат нови технологии, за да изградат уште подетални профили на стотици милиони, ако не и милијарди, корисници.

Нé демне нов бран на уреди, овој пат со вештачка интелигенција, која ќе ги користи нашите податоци на начини кои сé уште не можеме ни да ги замислиме

Едноставните правила на старите договори и прописи наскоро ќе изгледаат потполно неадекватни.

Во раните денови на Интернетот, нé убедуваа дека сите овие податоци ќе нé доведат до информациска нирвана. Дека ќе добиеме нови алатки и подобра комуникација, пристап до сите информации што ни се потребни, како и реклами кои навистина сакаме да ги гледаме. Кој би се спротивставил на нешто такво? Барем некое време, изгледаше дека ветувањата ќе се исполнат.

Сепак, со тек на времето, границите на личните податоци (многукратно) се променија, а неколку компании беа фатени со спуштени гаќи, како наводно случајно нé шпионираат. Тука беа и хакерите да ни покажат колку е лесно да биде украдена нашата лична информација. Рекламите исто така не се покажаа фасцинантмо, особено кога се прошири употребата на мобилните телефони и таблетите. Причината е што „колачињата“, преку кои компаниите ги следат нашите пребарувачки навики на компјутерот, не работат премногу добро на мобилните уреди. Со онлајн активноста, пак, распределена помеѓу повеќе уреди и платформи, во очите на софтверот за следење секој еден корисник стана повеќе луѓе одеднаш.

Ова не се покажа толку лошо за рекламните компании, бидејќи мобилните телефони откриваат еден куп податоци преку кои тие дознаваат и учат нови, до скоро незамисливи работи за нас – каде одиме, со кој се среќаваме, на какви места купуваме – и други навики, кои им помагаат да ги препознаат и предвидат долгорочните модели на нашето однесување.

Web-trackings-a-privacy-time-bomb-M791JSK-x-large[1]

Општ, исцрпен профил

Сега пак, новите меѓуплатформни технологии и овозможуваат на рекламната индустрија да ги комбинира сите наши информации – во еден заеднички, темелен и детален профил.

Додајте ги тука и уредите кои се носат на телото, како Fitbit, додајте ги смарт телевизорите поврзани на мрежата, како и „интернетот на нештата“ (секој уред што може да се поврзе на Интернет, пример: смарт фрижидер, смарт лустер) – и концептот на меѓуплатформното следење се проширува до степен што почнува да вклучува сè што оддава некаков сигнал.

Рекламната индустрија се лигави над ваквата технологија, бидејќи сега таа може да нé следи и таргетира и додека правиме секојдневни работи, без разлика дали сме на десктоп компјутер, дали сурфаме од iPad или зборуваме на телефон додека сме надвор од градот.

Постојат два метода на следење

Попрецизната техника е фокусираното следење, кое ги поврзува уредите со еден единствен корисник, кога овој човек влегува на истиот сајт од десктоп компјутерот, телефонот и таблетот. Тоа е пристапот кој го користат интернет гигантите како Facebook, Twitter, Google и Apple, кои располагаат со огромни бази на податоци за корисниците на нивните мобилни и десктоп услуги.

Само еден краток поглед на политиката за заштита на податоците на Facebook е доволен за да се види дека компанијата регистрира речиси сè што правиме, вклучувајќи ја и содржината која ја ограничуваме, со кого комуницираме, што гледаме на страниците кои ги пребаруваме вон Фејсбук, како и информациите за нас кои ги обезбедуваат нашите пријатели. Facebook ги снима и информациите за обавените плаќања, деталите за употребените уреди, локациите и податоците за врската.

Социјалната мрежа исто така знае исто кога ги посетувате надворешните сајтови кои ги користат нејзините услуги (како копчето Like, Facebook регистрацијата или корпоративните услуги за пријавување на посети и рекламирање на компанијата). Исто така, таа собира информации за нас и од своите партнери.

Повеќето од технолошките гиганти имаат слични политики – и сите тие истакнуваат дека не ги делат лични информации со надворешни компании. Facebook, на пример, ги користи нашите податоци за да ни презентира реклами во своите сопствени рамки и истакнува дека не овозможува пристап на трети лица до нашите информации. Од Google, пак, велат дека споделуваат само збирови од анонимни податоци.

Fingerprint
Размисли дали сакаш твојот смартфон да го има и скенот од твојот отпечаток.

А нé следат и непознати фирми

Набљудувани сме и од многу други, помалку познати или непознати компании, пред сé, рекламни мрежи и рекламно-технолошки компании како Tapad и Drawbridge. Ние никогаш не влегуваме на нивните веб-сајтови, па тие мораат да користат други техники на следење.

Така, тие вградуваат дигитални тагови или пиксели во милиони веб-сајтови кои ги посетуваме, со цел да ги идентификуваат нашите уреди, да ги следат нашите пребарувачки навики кога сме на Интернет и да набљудуваат и други параметри.

Со преработка на огромни количини на овие податоци и врз база на статистички модели, компаниите можат да претпостават кој каков уред користи, на пример, со 90% точност. За обичниот човек, тоа не е видливо, и е тешко да се контролира.

Во едно неодамнешно излагање пред Федералната трговска комисија на САД, Центарот за демократија и технологија илустрираше колку инвазивна може да биде технологијата за следење на повеќе платформи и уреди.

Да претпоставиме дека корисникот седнал на компјутер и побарал информации за симптомите на сексуално преносливите болести, користел телефон за да го најде патот до клиниката, посетил аптека и потоа се вратил дома. Со овој тип меѓуплатформно следење, лесно е да се дојде до заклучок дека корисникот се лекува од венерична болест. Тоа само по себе звучи доволно сериозно, но замислете си ја целосната слика: преку користење на GPS или WiFi информациите добиени од мобилниот телефон на пациентот, воопшто не е тешко ниту да се открие неговата адреса. Сите овие надворешни „офлајн“ податоци, во комбинација со онлајн профилите, доведуваат и до лесно идентификување на пациентот, со име, со презиме, со семејство итн.

o-INTERNET-PRIVACY-CANADA-facebook[1]

Ова се само неколку причини кои ќе ви докажат дека е поразумно да внимавате:

Податоците можат да бидат пробиени: Privacy Rights Clearinghouse истакнува дека само во 2015-та, хакерите се докачиле до податоците на над 4.5 милиони пациенти на здравствениот систем на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес, до 37 милиони клиенти на сајтот за вонбрачни врски Ashley Madison, до 15 милиони акаунти на Experian, до 80 милиони клиенти на Anthem и до над 21 милиони лица во базата на податоци за правата на пристап до информациите на американската војска. Имајте предвид дека ова се само дел од случаите – само оние што беа откриени и привлекоа медиумско внимание.

Ниту еден сајт или мрежа не е сосема безбеден и многубројните истражувања веќе покажаа колку е лесно луѓето скриени зад анонимни податоци да бидат „наново идентификувани“ или „де-анонимизирани“.

Вашиот профил може да биде продаден: всушност тоа се прави редовно, во анонимизиран вид. Токму тоа е всушност идејата на целиот бизнис-модел. Во повеќето случаи, политиките за заштита на личните податоци на интернет компаниите јасно велат дека профилите ни се комодитет што може да се купува и продава, ако компанијата ја смени сопственоста. Тоа и се случи кога Verizon го купи AOL и ги соедини нивните рекламни активности, создавајќи многу подетални профили на нивната заедничка корисничка база. Yahoo може да биде новиот пример, ако одлучи да ги продаде интернет акциите.

Податоците можат да се искористат на начини кои не сте ги очекувале: Google, Facebook и други компании создаваат персонализирано интернет искуство (читај: информационен меур, само поопшт) на база на вашите интереси, однесување и општествените кругови. Од една страна, ова има голема смисла, бидејќи никој не сака да се загуби во морето од нерелевантни резултати од пребарувањата, неадекватни новинарски публикации или надградби на социјалните мрежи. Но, истражувачите демонстрираа (не еднаш) и дека онлајн профилите можат да имаат и целосно реални последици, вклучувајќи ги цените кои ги плаќаме за производите што ги купуваме, па дури и понудите за работа што ги добиваме.

Сума-сумарум, нашите податоци веќе се користат за изградба и тестирање на комплексни модели за анализи за нови услуги и функции. Процесот веќе е започнат, а допрва ќе го доживее најголемиот подем.

Ете, Google и Facebook се фалат дека допрва вештачката интелигенција ќе им овозможи да анализираат поголеми количини од податоците, со цел да откријат нови модели на однесување, што ќе им овозможат да предвидат што ќе мислиме и ќе сакаме уште пред реално да го помислиле и посакаме. Да, овие компании се гиганти, но уште се во фазата кога само гребат по површината од она што лежи скриено во податоците кои им ги даваме.

Како и да е, старата фер размена – бесплатни интернет услуги, на сметка на таргетирани реклами – суптилно, но сигурно, заминува во историјата.

- Реклама -