Интензивна работа на автопатот Прилеп-Битола
Во моментов активностите за изградба на автопатот Прилеп-Битола, кој се протега на приближно 40 километри, интензивно напредуваат. Оваа делница е значаен дел од Коридорот 10д и е реализација на проектот за изградба на четири автопатски секции, во соработка со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, во својот последен увид на теренот, беше информиран за тековниот статус на изградбата. Се работи на околу 11,5 километри автопат, каде што без проблеми се реализираат градежните активности на еден мост, два подпатника, два надпатника, четири плочести пропусти и 22 цевасти пропусти. На теренот учествуваат околу 700 работници, а целокупниот процес вклучува повеќе од 400 машини и механизација.
Во тек се земјените работи на главната траса. Овде се врши расчитување на вегетацијата и отстранување на хумусниот слој, а дел од трасата веќе е подготвена за изградба на насипи. Досега се ископани околу 660,000 кубни метри земја, вградени се 350,000 кубни метри материјал за пополнување, а 30,000 кубни метри бетон се произведени за финализација на бетонските работи. Исто така, е изграден камп за привремено сместување со капацитет од повеќе од 750 лица.
Секој проект носи свои предизвици, па така и овој. На трасата се соочуваат со процесот на отстранување на старите експлозивни направи, а за можните археолошки наоѓалишта, надлежните институции вршат континуиран надзор. Работите на конкретните локации се запираат додека не се добијат соодветни уверувања дека трасата е безбедна и чиста за продолжување на изградбата.
Финансиската конструкција за оваа делница на патната инфраструктура е проценета на 260 милиони евра, согласно студијата за оправданост.




