Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ жали што Мицкоски не собрал доволно храброст и демократски капацитет за да понуди оставка, се вели во нивната реакција по прес-конференцијата на лидерот на партијата, кој рече дека не размислува за повлекување и најави пад на владата на СДСМ преку масовни демонстрации.
„Најпосакувано сценарио на Зоран Заев е Мицкоски да продолжи да ја води партијата во нови порази и после секој пораз да прогласува победи и да наоѓа оправдувања за пропустите“, велат од Иницијативниот одбор, посочувајќи го Мицкоски како единствен виновник што Заев по втор пат станал премиер, нарекувајќи го „човек што нема храброст да заземе став по ниедно прашање, човек што се крие на денот на избори и не им се заблагодарува на оние кои трчале за него“. Таков човек, велат, нема капацитет да го води ВМРО ДПМНЕ.
Тие го обвинуваат Мицкоски и дека пред изборите тврдел, повикувајќи се на информации кои ги поседувал и релевантните анкети, дека ВМРО-ДПМНЕ има огромна предност пред СДСМ, за на изборите да се покаже дека не е така. Од Иницијативниот одбор посочуваат три можни причини, кои се подеднакво лоши и недозволиви за лидер на ВМРО-ДПМНЕ: Или Мицкоски лажел, или немал харизма за да ја материјализира предноста, или едноставно се договорил и му ја подарил победата на Зоран Заев.
Прогласувањето на победа при изборни порази и наоѓање изговори не се опција ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за Македонија, порачуваат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, потенцирајќи дека е потребна силна алтернатива која ќе го порази Заев.