ФОТО: Индонезиската министерка за поморски прашања и рибарство

Запознајте ја Суси Пуџиастути (Susi Pudjiastuti) – една од најхардкор министерките за кои сте слушнале. Раководи со индонезиското Министерство за поморски прашања и рибарство во владата под водство на претседателот Џоко Видодо (2014-2019).

На 16 септември во 2016-та, WWF (World Wide Fund for Nature – најголемата светска организација за заштита на природата) ѝ ја додели престижната еколошка награда „Leaders for a Living Planet“. Со тоа Пуџиастути доби признание за своите напори во Министерството и стремежот кон одржлива животна средина, зачувување на морскиот екосистем, како и нејзината тврдокорната борба против илегалниот риболов во индонезиските води.

Како министерка, Пуџиастути претставува голема промена во земјата. Не многу одамна, претходниот министер за Шумарство и околина, на пример, интензивно промовираше сечење на шумите, за да ја помогне индустријата со палмино масло. Многумина велат, заради поткуп.

Актуелнава министерка е друга приказна. За почеток, нема завршено средно училиште – го напуштила уште во текот на школувањето. Во меѓувреме многу се збогатила од рибарската индустрија, а сега поседува своја авиокомпанија. На својата моментална функција покажува подобри резултати од сите други министри во администрацијата на Видодо. Индонезијците ја обожаваат.

Така, сликава е кул од многу причини. Тоа што Пуџиастути делува како мирен и мудар пастир што својот ресор го чува како свое стадо (не, нема да го фрли пикавецот во водата) – е едно. Другото е што Индонезија е главно муслиманска земја, каде во многу делови важи шеријатското право. Пуџиастути меѓутоа, е првата министерка (и воопшто – министер) со тетоважа. Башка си рока и кафе со цигарче. НА сликава сигурно прекршува и уште пар други шеријатски правила. Ама ѝ се може, зашто не изгледа како некој со кого сакаш да се заебаваш.

- Реклама -