Индискиот ровер „Прагјан“ потврди присуство на сулфур, алуминиум, железо, калциум, хром, титаниум, манган, кислород и силициум во близина на јужниот пол на Месечината додека бара траги од замрзната вода речиси една недела по нејзиното историско слетување на сателитот на Земјата.
Како што соопшти Индиската вселенска агенција, се очекува роверот од мисијата „Чандрајан – 3“ да спроведува експерименти 14 дена.
Роверот бара знаци на замрзната вода што би можеле да им послужат на идните мисии на астронаутите како потенцијален извор на вода за пиење или за производство на ракетно гориво. Како што е најавено, роверот ќе ја проучува и атмосферата и сеизмичката активност на Месечината. Трасата на роверот беше репрограмирана завчера кога се приближуваше до кратерот широк четири метри и сега безбедно оди по нова патека, истакнаа од Индиската вселенска агенција.
Роверот се движи бавно, околу 10 сантиметри во секунда, за да ги минимизира ударите и оштетувањата од грубиот терен на Месечината. По неуспешниот обид за слетување на Месечината во 2019 година, Индија минатата недела им се придружи на САД, Советскиот Сојуз и Кина како четврта земја што го постигна овој успех. Се проценува дека индиската мисија на Месечината чини 75 милиони долари. Индија ја планира својата прва мисија на Меѓународната вселенска станица следната година, во соработка со САД.
МИА