Тајландскиот премиер Prayuth Chan-ocha да ти бил ептен досетлив и шегобиец. Измисли нов начин за избегнување на новинарски прашања што му нема текнато ни на Трамп, а богами и на нашиве … сé уште.
Откако кратко се обрати пред собраните пред зградата на владата во Бангког, премиерот им нареди на помошниците пред микрофонот да постават негова фигура направена од картон.
„Имате прашања околу политиката или конфликтите?“, им се обрати на новинарите. „Тогаш прашајте го типов“ – им порача посочувајќи кон картонот и си замина мафтајќи (му фалеше само уште среден прст да покаже).
Во меѓувреме, Chan-ocha се пофали дека цела владина канцеларија му е полна со негови картонски копии, и тоа секоја различна, за секоја пригода. Не знаеме дали човеков порано бил стенд-ап комичар или што, ама ова е пресмешно…
Ќе беше уште подобро ако Chan-ocha беше лидер за кој човек може да се пофали дека со гордост го бирал. За жал, не е така. Chan-ocha стапи на власт во 2014-та, по воен пуч. Иако тајландската влада оттогаш постојано ветува дека ќе распише избори, од избори нема ни трага. Одеднаш картонските премиери не делуваат толку смешно, нели?