Имаат ли луѓето сезона на парење?

Смешна ни се виде сликава во ваков контекс, па ја шибнавме за насловна.

Кај и да е ќе стопли времето, ќе дојде „вистинската“ пролет (онаа топлата) и целосно ќе се разбуди природата. На женските ќе им се разлетаат пеперутките и ќе разголат по некое рамо, а машките петли ќе почнат на сите страни да кукурикаат дека мораат да легнат нешто. Па ќе зачестат средбите по студентските домови, па ќе се развеат гаќички по гранките на дрвата, па ќе замириса воздухот на свежи пролетни сокови.

Тогаш човек не може да не се запраша: Дали всушност пролетта е сезона на парење за луѓето? Дали луѓето воопшто имаат сезона на парење?

Баш и немаат, вели др. Џастина Шуи – сексолог од Филаделфија. Не функционира така „во април сите ќе се парат“, нé демантираа таа. Желбата за секс и правење бебиња варира е „различна за секоја една жена што овулира“.

Меган Стабс – сексолог од Мичиген, се сложува со Шиу. „Научно гледано, ако зборувате за сезона на парење, тоа е како две риби кои пливаат низводно за да се мрестат. Сите знаеме дека тоа се случува во пролет“, вели Стабс. „Знаеме дека сите лососи ќе пливаат таму, ама тоа е нивната сезона на парење. За нив постои ограничена рамка за парење. А и целата нивната поента на постоење е да се размножуваат“.

Пандите се уште еден пример за вид со ограничена временска рамка за размножување, вели таа. „Тие не се загрозени, а и понатаму постојат во критично мала бројка. Пандите имаат многу кратка ‘сезона на парење’, бидејќи женките се плодни само во краток временски период“.

Луѓето, од друга страна, се благословени (или можеби проколнати?) со тоа да можат да се размножуваат преку целата година. Се разбира, ние луѓето најчесто „се париме“ за забава, а не за правење бебиња.

„Што се однесува до нас, го можеме тоа кога сакаме. Не постои одредена сезона, не постои ‘брзо, мора да ја искористиме оваа шанса’, затоа што жените овулираат секој месец“.

Сепак, постојат одредени месеци во кои се раѓаат повеќе бебиња. Податоците од американскиот Центар за контрола на болести (CDC) од 2015-та година, на пример, покажуваат дека повеќе породувања се случиле во јули и август отколку во било кој друг месец. Тоа значи дека тие бебиња се зачнати претходната зима. Но податоците покажуват и дека стапката на породувања ја надминува бројката од 300.000 во секој друг месец освен во февруари.

Вие не сте панди 

Експертите тврдат дека постојат периоди во годината кога луѓето повеќе се впуштаат во секс, но не нужно за да се размножуваат. Стабс, која на студентите редовно им држи предавања за сексот, вели дека дошло до „голем пораст на сексот без обврски“ во текот на пролетниот распуст и за време на Денот на благодарснота, бидејќи луѓето во тој период не сакаат да се врзуваат.

Една студија од 2012-та исто така покажува дека главните периоди за секс се раното лето и раната зима. Анализата на пребарувањата по клучни поими на Google на теми поврзани со порнографија, проституција и барање на партнер, собрани во текот на 5 години, покажува дека поголем дел од луѓето најмногу ги пребаруваат тие термини токму во наведените периоди од годината.

Сепак, сите овие трендови веројатно се сведуваат на влијанија од тоа како е организиран животот во денешното општество, а некогаш дури и на банални настани. На пример, пред скоро време го имавме примерот со Исланд, каде точно девет месеци по успехот на Европското првенство, беа родени рекорден број бебиња.Во Америка го имаме примерот со снежните бури и ураганите. „Многу луѓе забременија во текот на снежните олуи и ураганите. Кога се затворени внатре и немаат што друго да прават, не го прават тоа нужно за да се парат, туку затоа што немаат ништо попаметно“, истакнува Шуи.

Како и да е, останува заклучокот дека луѓето немаат сезона на парење.

„Не се чувствувајте како да не ви е сезона да запознаете некој“, вели Стабс. „Тоа може да се случи во било кој период од годината. Вие не сте панди“.

- Реклама -