Има надеж

Има надеж.

Летно скопско попладне. Излегувам на балконот да ги средам играчките со кои внук ми претпладнево се играше. Спарно е и се обидувам што побрзо да ја завршам работата. Вниманието ненадејно ми го привлекува гласен разговор во дворот.

Здогледувам двајца поицајци во тегет униформа како зборуваат со постара госпоѓа. Таа не дослушува, затоа разговорот е гласен, а од она што слушам заклучувам дека жената има дeмeнција. Таа седи на клупа, а до неа има најлонска кеса, поголема од оние што ги добиваме на пазар. Веднаш до клупата има помагало за одење. Нејзино.

Двајцата млади полицајци спонтано, како да разговараат со својата баба, ѝ поставуваат рутински прашања вообичаени за вакви ситуации. Штом успеваат да изнудат податоци за нејзиното име и презиме, година на раѓање (адресата не знаеше да им ја каже), едниот се јавува во службата за проверка на лични податоци и веднаш го лоцираат нејзиното место на живеење кое е во непосредна близина.

Пресметувам, жената има 82 години, но работите одат толку брзо и збунет сум од спретноста на овие момци.

Следниот потег е пребарување во големата кеса за да се најде нешто што би им помогнало. Во кесата има сè и сешто, меѓу другото и далечински управувач, но тука е и мобилниот телефон со бројот на синот на старицата кој во моментов е на одмор во Грција. Бидејќи од ова сознание нема голема полза, едниот полицаец се упатува на адресата добиена од колегите од службата, а на полицаецот останат со госпоѓата му приоѓаат двајца полицајци во униформи во светло сина боја. Додека тие разменуваат информации го забележувам полицаецот како се враќа од адресата што ја добил. Им соопштува на колегите дека за кусо време ќе дојде ќерката на старицата.

Не успевам да поврзам зошто полицајците во тегет униформи тогаш заминуваат.

По две три минути се појавува ќерката. Видно возбудена пред присутните полицајци ја распрашува мајка ѝ како успеала да се најде тука. Тогаш здогледувам дека старицата освен помагало за одење има и протеза за едната нога која изронува од големата кеса.

Приказнава не би ги имала сите потребни делови ако не кажам дека едниот полицаец потоа го спакува помагалото за одење подготвено да го понесе, а другиот ѝ се обрати на старицата со зборови: „Бабичке може ли да ве земам во раце и да ве однесеме дома“? Само ги разменија погледите, потоа ја крена од глупата и сите четворица заминаа.

Ги испратив со поглед и останав така некое време.

На ТВ во вестите главна тема беа новите министри и обновената влада. За мене главната вест е ова што се случи пред моите очи.

Се случи двајца полицајци во патрола да добијат дојава дека на една клупа во близина на зоолошката градина некој здогледал жена чие однесување сугерира дека ситуацијата треба да се провери, што се покажа како исправно.

Млади господа полицајци, ви благодарам на сите четворица што ми ги растреперивте чувствата. Вие ми ја враќате надежта дека во оваа убава земја вреди да се обиде уште еднаш.

Има надеж.

- Реклама -