Има ли шанси да им се намалат казните на Елизабета Канческа, Кочан, Мијалков…?

Денеска на дневен ред на собраниската седница е предлогот на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка. На ова брзање на власта за измените реагираше опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Тие сметаат дека СДСМ и владејачкото мнозинство продолжуваат да ја погазуваат парламентарната демократија и дебата во Собранието.

На дневен ред на Собранието, исто така по скратена постапка, е и новиот закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Ова е шверцерски начин на носење два значајни закони во државата, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Измените во овој закон всушност подразбираат намалување на казните за злоупотреба на службената положба преку јавните набавки. Се предлага менување на член 353 од Кривичниот законик. Ставот од Законот со кој се предвидува одговорност за сите службени лица кои со злоупотребата на службената положба оствариле „некаква корист“, ќе биде преименуван и ќе се бара одговорност само за оние што оствариле „имотна корист“. Од власта тврдат дека измената е усогласена со СЈО и дека нема да има влијание на актуелните предмети.

Неодамна Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека токму тој член допрва ќе предизвика голема штета за голем број функционери од Владата на СДСМ и Зоран Заев. „Утре, задутре кога ВМРО-ДПМНЕ ќе формира влада, треба да премолчи на целиот тој криминал што го видовме, целиот тој непотизам, сите оние нетранспарентности? Зарем треба да го премолчиме 35 милиони евра тендерот што ѝ беше даден на фирма стара 7 дена“, рече Мицкоски.

Или, ако оваа измена се посматра во актуелната ситуација со многуте случаи по македонските судови, тоа ќе значи уште еден вид амнестија за десетици обвинети или осомничени во предметите на Специјалното јавно обвинителство и на Јавното обвинителство на функционери од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Со овие измени казните за обвинетите по овој член, Елизабета Канческа Милевска, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Небојша Стајковиќ, Владимир Пешевски…, би биле многу поблаги или дури би можело да дојде и до ослободување од гонење.

Целата статија на МКД.МК

- Реклама -