Има два начини како да се дојде до уставни измени, вели Маричиќ, ја промовираше кампањата „Ние сме Европа“

Постојат два начини како да се дојде до уставни измени: ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеци на лидерската и вториот начин е дел од пратениците да одлучат да гласаат, како што имавме случај пред пет години. Јас не гледам трет начин, можеби постои, но тие се двете опции, истакна денеска на прес-конференција вицепремиерот Бојан Маричиќ. Тој не смета дека избори би можеле да сменат нешто.

„Ние ќе работиме на двете нивоа, сметам дека не е невозможно, напротив мислам дека е возможно. Мислам дека имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение. Ќе повторам, прашањето е премногу важно за да му се земе кусур на кого било доколку го смени мислењето за одредено време“, рече Маричиќ.

Според него, изборите не можат ништо да променат по ова прашање. Напротив, вели Маричиќ, може само да го искористат ова прашање и да биде прашање кое што ќе доминира во кампањата за после тоа да биде изговор дека ВМРО-ДПМНЕ не може да гласа за уставните измени бидејќи во кампањата ветиле дека нема да гласаат под бугарски диктат.

„И потоа да влеземе во една заблуда дека е возможно да добиеме подобар договор и да чекаме уште десет години“, рече Маричиќ.

Според него, прво треба да се гласа за уставни измени, па потоа да се оди на избори. Тоа е, посочи, логично.

Маричиќ вели дека владејачкото мнозинство има 72-73 гласа за уставни измени, потенцирајќи дека се работи на тоа да се достигне потребното мнозинство. Затоа кога ќе се гласаат уставните измени, најави, самото закажување на продолжението на пленарната седница ќе биде индикатор за тоа.

„Седницата ќе биде повторно закажана кога ќе се создадат услови. Ние во меѓувреме работиме и ќе работиме на создавање на услови за успешно гласање во Собранието. Моментот кога ќе биде закажана седницата ќе биде индикатор дека сме приближени до потребното мнозинство. Во моментот по она што се декларираше иако гласањето заврши на 70, мислам дека поддршката оди и до 72-73 пратеници. Меѓутоа ова беше гласање за дневен ред, да не заборавиме, не беше гласање за уставните амандмани“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ смета дека е возможно да се комплетира процесот на уставните измени.

Прочитајте и:  Муцунски: Ќе продолжиме да работиме на патот кон ЕУ и да испорачуваме резултати

Инаку, во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), во соработка со Владата, Маричиќ денеска ја промовираше кампањата „Ние сме Европа“.

Караванот на кампањата која чини пет милиони денари ќе опфати осум градови со повеќе теми и тоа Скопје каде темата ќе биде економија, Струмица – труд и социјална политика, Прилеп – земјоделие, Битола – култура, Охрид – туризам, животна средина, Тетово – млади, Штип – инфраструктура и Куманово – енергетика.

„Ќе започнеме со активности со почеток на оваа кампања во Скопје на тема ‘Економија’. Првиот настан ќе го отвори премиерот Ковачевски и тоа ќе биде на 30 август како официјален старт на кампањата наредната недела“, информираше вицепремиерот на денешната промоција.

Активностите, како што дополни, ќе вклучуваат посета и средби со целни групи кои се заинтересирани да прашаат нешто конкретно за темата и генерално за процесот на пристапување. Во секој град истиот ден ќе се одржува и трибина на централно препознатливо место, која ќе биде отворена за присуство на сите граѓани, рече Маричиќ.

Кампањата, рече, е во рамки на напорите земјава да ги исполни стратешките цели и но и „да ја приближи стратешката цел на членството во Европската Унија до граѓаните“.

„Целта на овие настани е да ги претставиме придобивките, неопходните реформи и начините како членството во Европската Унија ќе го заштити и зајакне македонскиот идентитет“, рече тој.

На новинарско прашање во врска со анкетите кои покажуваат дека граѓаните се за членство во ЕУ, но исто толку граѓани се против францускиот предлог, Маричиќ одговори дека членството во ЕУ не е францускиот предлог.

„Членството во ЕУ е трансформација на нашата земја и економски развој, стабилност и просперитет и тоа сакаме да го објасниме на граѓаните дека нас не чекаат многу задачи, но и многу придобивки на тој пат. Дека ова што го имаме сега со исполнувањето на францускиот предлог е само една задача која што на ниту еден начин не го загрозува нашиот идентитет, нашиот јазик. Напротив, помина една година откако тој предлог се усвои во Собранието. Ниту ние се бугаризиравме, ниту може тоа да се случи, ниту има каков било атак врз нашиот идентитет“, тврди вицепремиерот.

Извор: МИА

- Реклама -