Нова компанија на Илон Маск, за симбиоза на човечкиот мозок и вештачката интелигенција

Илон Маск лансираше нова компанија, посветена на поврзување на човечкиот мозок со компјутерите, пренесува Wall Street Journal.

Анонимни извори го известиле медиумот дека компанијата – наречена Neuralink, развива технологија на „неврална тантела/милје“ – всушност неврална мрежа, која ќе им овозможи на луѓето директно да комуницираат со машините, без притоа комуникацијата да поминува низ физички интерфејс.

Невралната тантела подразбира имплантирање на електроди во мозокот, со кои луѓето ќе можат да прават upload/download на нивните мисли до/од компјутер. „Споредниот ефект“ од таквата комуникација би можел да биде развивање на повисока когнитивна функција кај луѓето (ама и кај машините, можеби).

Маск и порано покажуваше интерес за технологијата на „неврална тантела“. Прв пат го опиша потенцијалниот продукт на конференција на VOX во 2016-та, истакнувајќи дека ќе им овозможи на луѓето да постигнат „симбиоза со машините“. Додаде дека оваа технологија и симбиозата со машините е начинот на кој ќе се спречи луѓето да ѝ станат „домашни мачки“ на вештачката интелигенција.

„Не ми се допаѓа помислата да бидам домашна мачка, но што е решението? Мислам дека едно од решенијата кои се чинат најдобри, е да се додаде (на луѓето) слој од вештачка интелигенција. Трет, дигитален слој, кој ќе работи добро и симбиотски“, рече Маск на конференцијата.

Прочитајте и:  Илон Маск: „Оптимус“ и „Сајбертрак“ на Марс до 2026 година

Според Wall Street Journal, Neuralink е регистрирана како компанија за медицински истражувања и е во многу рана фаза, така што, првите продукти можат да се однесуваат на користење импланти за лечење на нарушувања како епилепсија и мајор депресија.

Инаку компанијата ќе биде примарно финансирана од Илон Маск лично, со можна инвестиција од компанија формирана од Питер Тиел, кој заедно со Маск го коосноваше PayPal.

Маск соопшти дека се спрема за јавно соопштение во врска со концептот на неврална тантела уште во јануари, на Твитер. Денес, исто така на Твитер, најави јавна презентација за околу една недела.

Што се однесува до технологијата за „симбиоза“ на човечкиот мозок со машините, Маск вели дека и покрај тоа што не е лесно да се оддели време (со оглед на неговите бројни ангажмани), „егизистенцијалниот ризик е премногу голем за тоа да не се направи“.

 

- Реклама -