Илире Даути останува претседателка на собраниската Комисија, интерпелацијата нема правно дејство – велат од кабинетот на Гаши

 Именувањата и разрешувањата, како што појаснуваат оттаму, се уредени со други посебни процедури, утврдени во Деловникот за работа Собранието, законите и Уставот

По пишувањата на дел од медиумите дека денешното изгласување на интерпелацијата на пратеничката Илире Даути значи и нејзино разрешување од претседателското место во Комисијата за социјална политика, демографија и млади со појаснување се огласија од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши од каде велат дека ваквите наводи се неточни.  

Пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, деморафија и млади, Илире Даути / Фото: Архива

Оттаму велат дека гласањето за интерпелацијата нема правнообврзувачки последици за разрешуавње и нема правно дејство. 

„Собранието на Република Северна Македонија денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство“,

се вели во соопштението од кабинетот на Гаши.  

Именувањата и разрешувањата, како што појаснуваат оттаму, се уредени со други посебни процедури, утврдени во Деловникот за работа Собранието, законите и Уставот.  

„Собранието на Република Северна Македонија останува цврсто на заложбата за зачувување на институционалниот интегритет, почитување на законите, Деловникот, Уставот и обезбедување на транспарентност во сите собраниски процедури“,

се додава во соопштението.  

Дека по интерпелацијата на Даути, мнозинството во Собранието сега треба да избере нов претседател на Комисијата за социјална политика демографија и млади, денеска кажа и пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ. 

„Се надеваме дека мнозинството ќе најде храброст да го одблокира овој процес и да се донесе Законот, а не да се оставаат преседани кои го фаворизираат самоволието на претседателите на комисиите. Топката сега е потполно кај мнозинството кое всушност треба да изгласа нов претседател на Комисијата за да продолжи работата во еден нормален тек“,

рече тој по гласањето за интерпелацијата на Даути. 

И во соопштението од ДУИ во кое попладнево реагираа на изгласната интерпелација на Даути, се сурегира дека таа е разрешена од функцијата претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.  

„Парламентарното мнозинство презеде срамен и реваншистички акт, разрешувајќи ја Илире Даути од функцијата претседателка на Комисијата за социјална политика, само затоа што одби да го помине дискриминаторскиот закон што предвидува компензација само за „бранителите“ од 2001 година. Оваа одлука не е ништо друго освен директен удар врз Охридскиот договор и обид за негово поткопување на секој можен начин. Наместо да работи на единство и еднаквост, оваа влада дејствува со логика на исклучување и реваншизам“,

наведоа од ДУИ во реакцијата.  

Седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: „360 степени“ (Архива)

И додека од ДУИ реагираат на „разрешувањето“ на Илире Даути од претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, пратеникот од редовите на „Вреди“, Халил Снопче во продолжението на денешната седница, на која на дневен ред се уште четири интерпелации за членови на Владата, рече дека Даути не е разрешена и оти таа и понатаму останува претседател на оваа собраниска Комисија. 

 „Госпоѓата Илире Даути не е разрешена од функцијата претседател на Комисијата. Значи, мораме да го расчистиме ова прашање бидејќи имаше дезинформации во медиумите на албански јазик, бидејќи Илире Даути ќе продолжи да ја врши истата позиција. Затоа, она што беше протечено во медиумите е невистинито. Исто така, коалицијата ВЛЕН гласаше против разрешувањето на Даути“,

рече пратеникот Халил Снопче. 

Интерпелацијата за Даути што во ноември ја поднесе Левица, а се најде на денешната пленарна седница на закондавниот дом, прва во новата година, ја поддржаа, 61 пратеник. За интерпелацијата покрај пратеници на Левица гласаа и нивни колеги од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.  

Пред да се усвои дневниот ред на 29. седница пратениците на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја напуштија собраниската сала, откако координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Оливер Спасовски претходно на прес-конференција соопшти дека нема да ги поддржат интерпелациите кои се на дневен ред на денешната седница.  

- Реклама -