Икарија – грчкиот остров на долговечноста

На грчкиот остров Икарија, долговечноста е норма, а не исклучок. Не е необично да наидете на постари мажи и жени кои лесно го надминале просечниот европски животен век. Всушност, еден од тројца Икаријци доживува доцни 90-ти, а многу од нив надминуваат и 100ка.

Ikaria-longevity-600x338[1]

Не само што живеат подолго, туку се и поздрави споредено со другите Европејци – имаат многу помала стапка на заболување од канцер или срцеви болести, помалку се наклонети да страдаат од депресија или деменција, физички се активни и во стари години, а имаат и здрав сексуален живот (барем така велат насмеаните старчиња и старици). Низ годините, пар посетители се обиделе да ја откријат тајната на Икаријанците, а воглавно ја сведуваат на серија од фактори, пред сé локалната исхрана и меракот што жителите на островот го имаат кон попладневните дремки.

Островот го носи името според Икар – митскиот летач кој летал преблизу до Сонцето, па му се стопил восокот на крилата и паднал во морето. Лоциран е во далечниот источен дел на Медитеранот, на нешто помалку од 50 километри од турскиот брег. Тамошната долговечност е факт докажан преку низа различни студии и демографски истражувања спроведени во текот на годините. Најинтересна е „Икариската студија“, спроведена од универзитетот во Атина.

Ikaria-longevity2-600x338[1]

Во текот на истражувањето, др. Кристина Крисоху – кардиолог на медицинската школа на универзитетот, заклучува дека диетата на островјаните е богата со зрна и локални диви зеленчуци кои содржат и до 10 пати повеќе антиоксиданси отколку црвеното вино. Исто така, Икаријанците јадат и многу компири и пијат млеко од коза, но не јадат многу месо или рафиниран шеќер. Според Крисоху, икаријанската исхрана е многу различна од таа на другите грчки острови. „…пијат многу хербален чај и мали количини на кафе; дневната консумација на калории е ниска. Икарија е сé уште изолиран остров, без туристи, што значи дека, особено во селата на северот – каде е забележан највисок степен на долговечност, животот е во голема мера неафектиран од западниот начин на живот“. Студиите исто така индицираат и дека дремката на островјаните може да е фактор во редуцирањето на ризикот од срцеви болести.

Бестселер авторот Ден Бутнер исто така има поминато неколку години проучувајќи ги луѓето од Икарија и нивните навики, а за островот пишува и во неговата книга The Blue Zones, во која вклучува 5 региони од светот каде што долговечноста го надминува американскиот просек. „Очекуваниот животен век во Америка е околу 79 години. Треба да можеме да живееме до 92. Некаде по патот, губиме 13 години. Мојата потрага е: Како да ги вратиме тие 13 години? И како да ги направиме тие екстра 13 да бидат добри години?

Ikaria-longevity3-600x290[1]

Се испоставува дека Икарија може да е едно од малкуте места во светот што го има одговорот. Икаријците обично умираат од природна смрт, без или со малку страдање. Таквите умирачки, со страдање, обично се должат на надворешни услови, особено во периодот на Втората светска војна, кога островот бил окупиран од Германците и Италијанците. Во овој период, дури 20% од популацијата умрела од глад, но од друга страна, тешките времиња довеле до таа денешна солидарност што постои меѓу островјаните. Еден од локалните доктори ќе рече: „Ова не е ‘јас’ место. Ова е ‘ние’ место“.

А кога ќе ги прашате постарите за нивната тајна за долг живот, секој ќе ви одговори различно и ќе понуди често и контрадикторни причини. „Гардијан“ ја раскажа приказната на Костас Спонзас, човек што изгубил нога во Албанија за време на војната, а сепак доживеа да го прослави 100-тиот роденден во 2013. Вели дека го спасиле сожителите Икаријци и дека продолжил понатаму бидејќи не дозволувал да потпадне во депресија заради изгубената нога. Денес, токму тоа е неговиот совет за долг живот – таа депресија, осаменост, тага и стрес – тие се виновниците што одземаат барем декада од нашиот престој на Земјата.

9543595356_b08d1a8b0c_z-600x402[1]

Елени Мазари, локален агент за недвижнини, пак, зборува за тоа како семејството е тајната и виталниот дел од икаријанската култура: „Ги чуваме старите луѓе со нас. Има дом за старци, но единствените луѓе таму се тие што го изгубиле целото свое семејство. За нас е срам да ставиме старо лице во дом. Тоа е причината за долговечноста“.

Сепак, Костас има апел за тие што сакаат попрактични совети: не јадете храна пржена со путер, секогаш убаво наспивајте се (со отворен прозор), избегнувајте да јадете премногу, пијте хербален чај и обавезно напијте се неколку чаши црвено вино со храната. Ако тоа не ви е по терк, тука е 100-годишната Евангелија Карнава со контра-совет: „Кока Кола. Не можам да живеам без Кока Кола“, вели женичката.

Патем, во книгата на Бутнер посветена на „сините зони“, Икарија е рамо до рамо со островот Окинава во Јапонија, познат како „најздравите места на Земјата“.

- Реклама -