Популарната ТВ серија „Игра на престоли” го зајакнува се повеќе туристичкиот интерес за Хрватска, каде што се снимани поголем дел од епските сцени. Филмот сепак може да помогне во реконструкцијата на угледот на Хрватска од југословенско време како дестинација за снимање на филмови, пишуваат медиумите.
Благодарение на „Игра на престоли” многу луѓе доаѓаат да ги посетат старите ѕидови во Дубровник и Сплит, изјави заменик министерот за туризам на Хрватска Ратомир Ивичич пред CNBC. „Петтата сезона ќе се снима во Шибеник, што исто така е едно многу убаво место во Хрватска.”
Со големото присуствo на огромната екипа за снимање, зајакнува Хрватската економија. Се вработуваат статисти, неопходни се привремени сместувања, намирници и што ли уште не. Да не говориме за тоа, колку туристи доаѓаат специјално до Хрватска знаејќи дека снимањата на серијата се во тек.
Во Дубровник и во Сплит во моментов се нудат специјални тури „Игра на престоли”, за љубителите на серијата.
„Игра на престоли” ја зголеми публиката за 24% минатата сезона, односно гледаноста е еднаква на онаа на последните епизоди на хит серијата „Сопранови”.
Неколку меѓународно познати телевизиски емисии и филмови се снимени во Хрватска во времето на Југославија. Меѓу нив се телевизиската минисерија „Ветриштата на војната” и комедијата „Папата мора да умре”.
И додека некои студиа снимале во главниот град Белград, повеќето ја избирале Хрватска. Градот Загреб бил особено привлечен заради типичниот централноевропски изглед.
Најголемите филмски студиа во Загреб постојат и до денес, но она што се случи во 90-тите години ја донесе индустријата речиси до банкрот.
Дваесет години подоцна филмската индустрија во Хрватска се уште не може да се врати во континуирана форма, но сега има можност да го искористи успехот на „Игра на престоли” за да ги привлече повторно режисерите.