Игор Џамбазов: Јас имам душа, не ме оставaјте сам

Со измешани емоции, возбуда, искреност и шармантен хумор македонскиот шоумен Игор Џамбазов го одржа маратонскиот мултимедијален концерт во преполната Арена „Борис Трајковски“ која во петокот вечерта беше исполнета до последно место. 

Додека на видео-бим одеше снимка од неговата прва филмска улога во тв-серијата „Волшебното самарче“ публика од сите генерации со бурни овации и аплауз го повикуваа познатиот водител, музичар и актер да излезе на сцена. „Златните славејчиња“ под диригентство на маестро Александар Џамбазов со темата „Денес ми е роденден“ му го честитаа 50-от роденден, а средношколците од „Јосип Броз Тито бенд“ го отворија концертот со преработка на „Диши длабоко“ на која им се придружи и Игор.

Untitled-9

– Што рекоа душманите пред неколку дена. Никој не веруваше во ова, само јас верував во вас. Чувствувам голема љубов вечерва. Добровечер, Македонијо . Добродојдовте на ова место на љубов, ова е љубовна Арена – порача Џамбазов со кренати раце кон десетилијадната публика, а потоа со длабок наклон им се заблагодари за поддршката на неговиот јубилеен концерт за 50-от роденден, 40.години ТВ-кариера, 30.години од првата театарска улога и 20 години од првиот албум и соработката со Гуру Харе.

Untitled-7

По изведбата на македонската блуз-верзија на „It’s probably me“ од Ерик Клептон, „Испробај ме ти“, темата „Право дома“ Џамбазов им ја посвети на 50-годишниците кои „трчаат“ по 25-годишни девојки, а големиот хит од 1990-те „Време за плачење“ ја испеа со Димитар Андоновски преработена во модерен џез- аранжман.
– Следнава песна ја пеев на „Макфест“ пред 20 години и тогаш изгледав како Драган Вучиќ во неговите најдобри денови – се пошегува шармантниот шоумен, чиј концерт беше збогатен со фотографии и снимки од неговата неколку децениска кариера.

Untitled-10

Пред да ја изведе „Парарампарам“ со младата Сара Мејс, како провокација за законот за пушење на јавно место, тој на сцена отвори кутија цигари и искоментира дека сака само да ги помириса, но не се осмели да запали цигара.
– Нема да запалам само сакам да ги помирисам. Кренете раце да видиме на кого му се пуши – извика Игор, а откако ја разбранува публиката ја затвори кутијата и го продолжи концертот со „Каква е оваа ситуација“, за која во неколку прилики има изјавено дека и по 20.години е актуелна и ја отсликува моменталната ситуација во Македонија.
Додека се местеше на столчето на сцена шоуменот искоментира дека е дотеран како за матура.
– И велам на мојата костимографка џабе е сето ова, тоа што е највредно кај мене е под облеката – искоментира неуморниот актер, а публиката почна гласно да се смее.

Untitled-8

– Не е тоа на што помисливте, тоа е душата, јас имам душа. Вечерва чувствувам голема љубов. Не ме оставајте сам, како што викаше чичко Киро, не ме оставајте сам! – повтори популарниот Џамбо на сцена.
Кон средина на вечерта тој со машкиот хор на „Танец“ акапела ја изведоа „Не стој Доне, Донке“ и ја вжештија атмосферата, а продолжија со модерна варијанта на „Ако умрам ил загинам“ од македонската легенда Јонче Христовски. Пријателите на концертот, Влатко Илиевски и Тамара Тодевска емотивно ја изведоа „Гушни ме“ а публиката со своите мобилни создадоа романтична атмосфера. Тодевска ги испеа „Немирна“ и моќната „Готово е“ со која иако не освои прво место, беше морален победник на „Макфест 2012“, а автор на оваа песна е самиот Џамбазов.

Untitled-6

На концертот не беа изоставени и култните „Стојаково блуз“, „Зелено“, „Жена ми не сака блуз“, „Лектира“, „Една труба нонстоп труби“, а Џамбазов му оддаде почит на својот колега и „земљак“, прерано починатиот штипјанец Душан Милосављевиќ од дуото Дуле и Коки.

Untitled-12

Додека на бимот стоеше фотографија од Дуле публиката со неколкуминутен аплауз му оддаде почит на починатиот музичар. Игор со гитарата на Дуле и Коки на виолина го изведоа нивниот голем хит „Виолина и гитара“ со која во 1996 година победија на „Макфест“. Во еден момент шоуменот се преобрази во новопечен богаташ од провинција и на битолски акцент ја исполни пародичната тема „Чиста мафија“ римејк на песна од „Пинк флојд“.

Untitled-11

Интересен пресек на концертот беше моментот кој Џамбазов на малата пауза пред да ја испее „Утре е нов ден“ зад сцена ја избричи својата долга брада која ја носеше долго време.

Untitled-14

Текстот е објавен од Слободен печат

- Реклама -