Европската унија има доволно гас за оваа зима, но може да се соочи со недостиг следната година доколку Русија дополнително го намали снабдувањето, предупреди денеска Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) и ги повика владите на државите-членки да дејствуваат побрзо за заштеда на енергија и да ја прошират употребата на енергија од обновливи извори. Иако Русија оваа година го намали снабдувањето со гас, Европа успеа да избегне сериозен недостиг и има полни резервоари за гас за зимата – делумно благодарение на итните мерки на ЕУ за полнење на складиштата и на поволните временски услови и високите цени на гасот што ја намалија побарувачката. Но, следната година може да биде попредизвикувачка од годинешната енергетската криза која ги зголеми сметките за европските домаќинства и присили на затворање голем дел од индустриските капацитети за да се избегнат парализирачко високи цени на гасот.
„Ако Русија го суспендира преостанатиот дел од гасот што сè уште го испорачува за Европа, а побарувачката за гас во Кина се опорави од најниските нивоа предизвикани од затворањето на земјата поради Ковид-19, ЕУ може да се соочи со недостиг на гас од 27 милијарди кубни метри во 2023 година“, предупредуваат од ИЕА.
Вкупната потрошувачка на гас во ЕУ во 2021 година изнесувала 412 милијарди метри кубни.
„Тоа е сериозен предизвик“, рече извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, на заедничката прес-конференција во Брисел со претседателката на Европската комисија.
Според Агенцијата, недостатокот може да се избегне ако се зголемат субвенциите и политиките за обнова на објектите што трошат премногу гас, ако греењето на фосилни горива се замени со топлински пумпи и масовно се прошири употребата на енергија од обновливи извори.
„Потребната инвестиција од сто милијарди евра ќе биде вратена во рок од две години преку пониски сметки за гас“, рече Бирол.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, предложи формирање Европски „солидарен фонд”, преку кој би се собирале средства за инвестиции во енергетиката – користејќи пари од ЕУ и дополнителни извори на финансирање.
Фон дер Лајен рече дека снабдувањето со гас на ЕУ е „безбедно оваа зима“, како и дека Унијата од 27 земји се подготвува за следната.
Според нацрт-документите што ќе бидат разгледувани на престојниот Самиот на ЕУ закажан за в четврток, лидерите на ЕУ ќе разгледуваат вонредни планови по однос снабдувањето со енергија за наредната зима.
Но, државите-членки сè уште немаат решение за високите цени на енергенсите. Министрите за енергетика на ЕУ утре ќе одржат вонреден состанок за да се обидат да договорат горна граница за цената на гасот.
МИА