Голем дел од автомобилските несреќи се случуваат бидејќи возачот не видел нешто или не реагирал доволно брзо на семафор или појавување на друг автомобил. Добро е што компјутерите се толку попаметни од нас, и со поставување на систем преку кој автомобилите ќе можат да разговараат меѓу себе, несреќите би можеле да бидат оставени во минатото.
Автомобилите стануваат попаметни секоја година, производителите додаваат сè повеќе сензори за да овозможат функционирање на автоматизирани системи, како помош за паркирање, адаптивна контрола на крстосување и предупредувања за напуштање на лента. Но дури и кога не ги користите овие системи, сензорите сè уште можат да собираат разни видови на корисни податоци, и американското Министерство за Транспорт се интересира дали автомобилите можат да ги ипотребат тие податоци преку комуницирање со други автомобили.
Идејата зад ова е слична на она што се случува со автоматизираното пренасочување на сообраќајот во GPS уредите. Вашиот автомобил постојано ќе добива податоци од сензорите на сите автомобили во близина, па ќе знае кога може да се престрои, колку простор има за преминување на пат со две ленти, дали некој пред вас нагло закочил па дури и каде има слободно паркинг место. Сè што е потребно за имплементирање на овој систем е GPS приемник поврзан со радио кое пренесува информации за локацијата, насоката и брзината на движење.
Првиот тест на овој систем е голем, и мора да биде за да овозможи тест возилата да се сретнуваат случајно во секојдневното возење. 64 автомобили во Ен Арбор, Мичиген ќе бидат опремени со приемници, додека 3000 други ќе бидат опремени со GPS радио предаватели. Тестот ќе трае до 2013 година и ако бидат собрани доволно податоци кои демонстрираат дека системот овозможува значаен бенефит за возачите, министерството ќе го примени кај сите автомобили во наредните десет години. [Cars get chatty with each other, could cut accidents by 80%]