Идната прва дама Меланија Трамп веројатно нема да се пресели во Белата куќа


Меланија Трамп веројатно нема целосно да се пресели во Вашингтон за да служи како прва дама за втор мандат, повторно покажувајќи дека е подготвена да ја игнорира традицијата додека се враќа на нејзината истакната улога на светската сцена, објави во четвртокот CNN.

Дискусиите за тоа како и каде ќе го поминува времето се во тек, велат неименуваните извори на телевизијата која изминатите години беше исклучително непријателски настроена кон новостариот американски претседател Доналд Трамп.

Една од нејзините први официјални одлуки беше да не се приклучи на традиционалната и симболична средба со првата дама во заминување Џил Бајден во Белата куќа, додека претседателот Џо Бајден во средата беше домаќин на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во Овалниот кабинет.

Откако Џил Бајден ја покани, се развила дискусија за присуството на идната прва дама, а членовите на тимот на Трамп јасно ѝ ставиле до знаење дека е важно да дојде.

Изворите како причина за изостанување од чајанката во Белата куќа го навеле наводниот претходен договор што Меланија Трамп го имала во врска со нејзината книга, а кабинетот на идната прва дама потврди на платформата за социјалните медиуми Х во средата наутро дека таа нема да присуствува на состанокот.

Но, тој настaн сугерира дека Меланија Трамп, која првите четири години во Белата куќа ги мина во редефинирање на својата улога, дава рани индиции дека ќе има уште поголема автономија во вториот мандат на нејзиниот сопруг.

„Не сум нервозна затоа што овојпат е поинаку. Имам многу повеќе искуство и многу повеќе знаење. Веќе бев во Белата куќа. Кога ќе влезете, точно знаете што да очекувате“, рече Меланија Трамп во неодамнешното интервју на телевизијата Fox News при промовирање на нејзините мемоари, насловени по неа.

Се очекува во текот на следните четири години, Меланија Трамп поголемиот дел од своето време да го поминува не во Белата куќа, туку меѓу Њујорк и Палм Бич на Флорида, изјавиле за CNN извори наводно запознаени со оваa тема. Сепак, тие инсистирале дека ќе присуствува на сите големи настани и дека ќе има свои приоритети како прва дама.

Меланија Трамп разви живот и круг на пријатели на Флорида во изминатите четири години и најверојатно ќе продолжи да поминува голем дел од своето време таму, велат изворите. Додаваат дека идната прва дама најверојатно ќе помине значително време во „Trump Tower“ во Њујорк за да биде блиску до нејзиниот 18-годишен син Барон, кој студира на Универзитетот во Њујорк.

Главно отсутна

Меланија Трамп, која беше поактивна во првите две предизборни кампањи на нејзиниот сопруг, овојпат беше главно отсутна. Извори запознаени со нејзините ставови велат дека таа претпочита да не биде јавно вклучена.

Откако ја напушти Белата куќа во 2021 година, таа го минуваше времето меѓу Палм Бич и Њујорк, додека нејзиниот сопруг се соочуваше со низата правни проблеми и ја подготвуваше својата трета претседателска кампања. Иако другите членови на семејството Трамп редовно му се придружуваа на поранешниот претседател и на суд и во кампањата, Меланија Трамп во голема мера се повлече од јавниот живот.

Во еден од ретките прекини на нејзиното отсуство во јавноста, таа во октомври објави мемоари во коишто, како што се оценува, контроверзно се дистанцирала од нејзиниот сопруг по прашањето за абортусот.

„Индивидуалната слобода е основниот принцип што јас го бранам. Несомнено нема простор за компромис кога станува збор за ова суштинско право што го имаат сите жени од раѓање: индивидуална слобода. Што ‘мое тело, мој избор’ всушност значи“?, вели Меланија во видеото објавено на платформата X.

Доналд Трамп, изјави таа за Fox News, знаел за нејзините ставови за ова прашање „откако се запознале и воопшто не бил изненаден“.

Освен тоа, Меланија Трамп според извори и набљудувачи е исклучително политички усогласена со својот сопруг и на различни теми низ конзервативна призма.

„Таа не е некој што потајно го поддржува движењето на отпорот, (кој) отчукува SOS на прозорските стакла“, вели Кејт Бенет, поранешна дописничка на CNN од Белата куќа која известуваше за Трамп за време на нејзиниот прв мандат како прва дама.

„Таа сè уште мора да оди по тенката линија како и секоја друга прва дама, поради што тоа е грозна работа: Мораш да бидеш паметна, но не препаметна. Мораш да водиш сметка за тоа како изгледаш, но не премногу. Мораш да имаш ставови за прашањата со коишто се соочува светот, но мораш да имаш и рецепт за празнични колачиња“, додава Бенет.

- Реклама -