За најдобар спортист на главниот град на државава за годината што изминува е избран „Летечкиот Македонец“, Игор Стефановски, или популарниот Иџе, кој ја одбрани титулата европски шампион и ги потврди своите високи вредности на Стариот континент.
Европски шампион во автомобилизам на ридски патеки каде од 12 утврдени трки на FIA, победи на 9, од кои на 8 оствари рекорди на патеките, потврдувајќи ја европската титула од 2014 година, Игор Стефановски заслужено повторно го освои престижното признание. Наградите на најдобрите ги предаде градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а на доделувањето на истите беа присутни и советниците во Советот на Градот, членови на Комисијата за спорт и млади. Во десетте најдобри спортисти за 2015 се најдоа уште каратистот Мартин Несторовски (КК Металург), пливачот Евгениј Поп Ацев (ПК Студент), кик-боксерот Ненад Манојловски (КБК Шампион), ракометарот Стојанче Стоилов (РК Вардар), фудбалерот Баже Илијоски (ФК Работнички), борачот Јасин Реџелари (БК Лирија), кик-боксерката Стефани Тодорова (КБК Фајт Тим), фудбалерот Бобан Грнчаров (ФК Вардар) и каратистката Наташа Стефановска (КК Макпетрол). За најуспешен тренер за 2015 е прогласен Мирче Јанушевски (КК Металург), за најуспешна спортска екипа од Скопје е Женскиот ракометен клуб Вардар. Најуспешен спортист – странец кој настапува во екипа од Скопје е Арпад Штербик – РК Вардар и спортист во категоријата на лица со посебни потреби е Марио Мицковски – Здружение Специјална Олимпијада Македонија.
– Овие средби со спортистите ми претставуваат вистинско задоволство, особено на вакви настани на кои ги одбележуваме врвните резултати постигнати на домашни и странски натпревари. Како градоначалник можам да ветам дека и во иднина финансиски ќе ги поддржуваме спортски подвизи, истакна градоначалникот Трајановски на средбата, посакувајќи им на сите среќни новогодишни и божикни празници.
Автоплус