Конечно е остварен дамнешниот сон на генерации наназад, Македонија ќе биде претставена во рамките на Светската автомобилска асоцијација – FIA, со свој национален тим, а нашата перјаница во континентални рамки ќе биде Игор Стефановски, кој и годинава ќе се натпреварува во ETCC шампионатот. Македонија има своја комплетна екипа под која ќе се натпреварува нашиот најголем автомобилски ас, Игор Стефановски-Иџе. Тимот на АКК Стефановски го промовираше и новиот автомобил на Летечкиот Македонец, кој ќе се обиде да ги потврди високите вредности и во ова натпреварување.
Имено, по оние две шампионски круни во европскиот шампионат во ридско-брзински трки, Иџе имаше неколку пеха во ETCC натпреварувањето, каде кога „стигна“ конечно до добар автомобил покажа што знае и умее. Тешко се заборава онаа супериорна трка на Иџе во Имола по која гордо го развеа македонското знаме на победничкиот пиедестал. Она што е најважно од се за годинава, тој има свој тим, свој автомобил – Leon TCR 2017 и зад него стои националната федерација. Со помош на институциите, како и спонзорите Иџе тргнува во својата нова сезона во ЕТСС шампионатот, a првата трка според календарот е на 28 април, на легендарната петека во Монца.
– Голема благодарност до сите што ми овозможија да возам за македонски тим, со свој автомобил, на луѓето од клубот, тимот што е околу мене и секако спонзорите кои ми дадоа шанса да настапуваме на ова елитно првенство. Оваа сезона ќе имам еден силен адут во овој SEAT Leon, каков што доликува на сите шампиони и се надевам дека ќе не служи. Набавен е пред неколку недели, тоа е последната спецификација која што е излезена. Иако ќе биде тешко, бидејќи за прв пат ќе излеземе под овие стандарди во ЕТСС, сепак мислам дека ќе им зададеме големи главоболки на останатите конкуренти, изјави Стефановски на промоција на тимот и автомобилот пред големиот број присутни во Телеком иновативниот центар во Скопје.