Идеологот на „шведскиот модел“ порачува: Светот уште не разбира

Швеѓани, крај на април 2020-та.

„Наместо да се исмевате со нашиот модел на борба против Ковид-19, подобро би било нешто да научите од нашето искуство“, им порачува шведскиот епидемиолог и идеолог на борбата против Ковид-19 во земјата – Андерс Тегнел, на критичарите ширум светот кои го напаѓаат и исмеваат пристапот на Шведска кон заразата. Според Тегнел, нивниот пристап останува широко недоразбран.

Во отворено писмо што го пренесе Politico, Тегнел е категоричен дека карантинот и другите ограничувања кои ги воведоа сите европски земји можат да функционираат само во краток период, но на долги стази шведскиот модел е подобар. Минатата недела дури и жестоко ја критикуваше Светската здравствена организација, нарекувајќи ги земјите што посегнаа по строги карантини – луди. Тоа е затоа што според Тегнел, светот е само во првата фаза на долга и неизвесна борба против Ковид-19. Затоа шведската стратегија – држи го најголемиот дел од општеството отворено, но научи ги луѓето да се придржуваат до насоките за дистанцирање – е единствениот реалистичен начин на борба на долг рок, вели тој.

Минатиот петок, Тегнел извојува и голема јавна победа против СЗО, кога ја обвини за „тотална грешка“ за тоа што ја ставила Шведска на листата со 11 европски земји (на која се најде и Македонија) каде има „зголемена трансмисија на вирусот што довела до значително негово враќање, која, ако се остави без одговор, ќе ги доведе здравствените системи до самиот раб“. По реакцијата, СЗО се поправи и рече дека стапката на зараза во Шведска е всушност „стабилна“, а зголемениот број на случаи го припиша на зголемен обем на тестирање.

Шведската влада не воведуваше рестриктивни мерки, туку само издаде упатства за однесување на граѓаните, иако тоа, за разлика од некои други земји, го стори во мошне рана фаза на пандемијата. Сепак, како последица, земјата имаше повеќе заразени и повеќе жртви од коронавирусот отколку во земјите каде се воведе карантин, со стапка на смртност на 100.000 жители 5 пати повисока од таа на Данска, на пример, според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“. И покрај тоа, Стокхолм е уверен дека нивниот пристап сепак ќе се покаже подобар на крајот.

ПРИСТАП НА ОДБРАНА СО ИСТОРИСКИ КОРЕНИ

Згора на тоа, „шведскиот модел“ не е она што го применија земји како САД и Бразил, односно непреземање ништо во стилот „живеј и дозволи да се умре“. Ниту пак е метод „секој (да се грижи) за себе“ – аргумент што го користат оние што одбиваат да носат маска бидејќи било личен избор. Шведскиот пристап е токму спротивното – „секој (да се грижи) за секого“.

Овој модел всушност има историски корени и потекнува од времето на Втората светска војна, а беше усовршен во времето на Студената војна. Стратегијата на борбата против коронавирусот е всушност јавно-здравствена верзија на шведскиот пристап на „тотална одбрана“ и предвидува дека секој граѓанин мора да го исполни својот дел, односно да даде придонес во одбраната на нацијата, пишува „Политико“.

Имено, соочени со моќни потенцијални окупатори како Нацистичка Германија и Советскиот сојуз, Шведска немаше избор освен да инволвира голема порција од населението во одбрана на земјата. Не само што од сите мажи се бараше да учествуваат во воена служба, туку и од цивилите и бизнисите се очекуваше да го одиграат својот дел. Индустриските џинови како Volvo работеа заедно со владата за да го зголемат производството во време на војна. Огромен број цивили добија специјални владини задачи (и обука) за во случај на војна. Секој граѓанин можеше да волонтира, на пример, да вози тешки возила или да ги користи вештините во радио комуникација за да им асистира на вооружените сили и другите владини агенции во време на криза.

Системот беше укинат по крајот на втората Студена војна, но во 2015 година, делумно како одговор на анексирањето на Русија на Крим и инвазијата во источна Украина, Шведската влада одлучи да ја оживее програмата. Минатата есен започна првата вежба на тотална одбрана од 1988 година наваму. Вежбата е сѐ уште во тек и е предводена од вооружените сили и службите за цивилна заштита и јавна безбедност, а инволвира учество на владините агенции, бизнисните и волонтери.

РАНО Е ЗА ОЦЕНКА

Нема порекнување, „шведскиот модел“ досега доведе до многу повеќе жртви отколку кај соседите. Тоа е случај и при споредбата со Португалија, којa е слична по бројот на население, а која воведе строг карантин и многу рано. Шведска во моментов (според Worldometers) има вкупно речиси 71.5 илјади заразени и 5.420 починати, а Португалија има вкупно нешто над 43 илјади заразени и „само“ околу 1.600 починати.

Сепак, рано е шведскиот пристап да се отпише како неуспешен. Важно е да се истакне дека од вкупниот број на починати до 1 јуни, во старечките домови починаа 2.036 стари лица, а уште 1.062 се стари лица кои живееја дома, но беа под здравствена нега финансирана од државата. Иако проблемот (за кој Шведска дури и се извини), секако, мора да биде адресиран, во меѓувреме Швеѓаните покажуваат дека колективна одговорност е можна: Иако владата даде само насоки на однесување и прекршителите не се соочуваат со казни, 93% од популацијата велат дека ги следат препораките за социјално дистанцирање.

Оттаму, Шведска продолжува да игра на картата дека строгите коронавирус правила како оние во речиси сите други европски земји можат да се ефективни само на краток рок. Да се третираат граѓаните како деца кои се неспособни да расудуваат и носат паметни одлуки не е одржлив пристап. Одговорот на долга криза или криза што доаѓа во повторени бранови бара граѓаните да се активни и одговорни учесници во нивната безбедност, а не само консумери на владини препораки.

Тоа го тврди и Тегнел. Негова главна грижа е дека строги карантини можат привремено да го задржат вирусот, но нема да спречат негово враќање. Освен тоа, истакнува, карантините доаѓаат со цена што може да се избегне:

„Како што сите лекови имаат споредни ефекти, така и мерките против пандемијата имаат негативни ефекти. Владини авторитети како нашиот, кои работат со широк спектар на проблеми околу јавното здравје, мора да ги земат овие аспекти во предвид“, вели Тегнел, набројувајќи дел од нив: домашно насилство, осаменост и масовна невработеност.

ШВЕДСКИОТ МОДЕЛ СЕПАК Е „ПОПАМЕТЕН“ (?) 

„Треба да се истакне дека карантините се одговор на претстојна навала во здравствената нега, со цел стопирање на што е можно повеќе ланци на пренесување на вирусот во што е можно пократко време“, вели Вилијам Ханаж – професор по епидемиологија на Харвардската школа за јавно здравје во Бостон.

„Во Шведска, особено не е јасно како се очекува да бидат заштитени ранливите. Штом еднаш имате голема епидемија во една возрасна група, станува тешко да ги заштитите другите“, додава тој.

Но Ханаж, исто така, смета дека „шведскиот модел“ е сѐ уште неразбран.

„Шведскиот пристап многумина го гледаат како неправење ништо, но не е тоа. Од моментот кога одлучувате дека епидемија е неизбежна, прашањето станува како да ја ублажите и да го зачувате здравствениот систем, и колку порано преземете акција да ја забавите трансмисијата, толку помалку интензивна таа акција треба да биде – првично.

Шведската стратегија, во таа смисла, е попаметна од оние земји кои охрабруваа пренесување сѐ додека карантините станаа неопходни. Сепак, таа плати голема цена во смисла на смртност кај ранливите групи… Мора да биде флексибилна и респонзивна – ако имате наплив, мора да сте во можност да го детектирате и да знаете што да правите за да го избегнете.

Што се однесува до финалниот исход, времето ќе покаже. Целосната пресметка ќе биде можна по пандемијата“, вели Ханаж.

Минатиот петок, СЗО посочи „неколку позитивни трендови“ во Шведска – континуирано намалување на новите случаи со тешко заболување од Ковид-19, постепено намалување на бројот на пациенти кои завршуваат на интензивна нега од април наваму и континуиран пад на бројките на нови смртни случаи од Ковид-19.

„Шведска ја инволвираше заедницата во одговорот и се покажа способна да ја одржува трансмисијата на нивоа што можат да бидат менаџирани од шведскиот здравствен систем“, рекоа од СЗО.

Директорот за итни ситуации на СЗО, пак, Мајк Рајан, уште во април ја посочи Шведска како пример што треба да го следат земјите што излегоа/излегуваа од карантин:

„Ако сакаме да постигнеме нова нормала, во многу нешта Шведска преставува иден модел (кој треба да го следиме)“, рече тој.

 

- Реклама -