Баталете сé што знаете за реални шоуа (дека се глупи), Reddit има идеја за нешто што стварно ќе биде интересно и поучно (за некои) за гледање: луѓе кои тврдат дека Земјата е рамна (ака flatearthers, по нашки може и „рамноземјаши“) на патувачка авантура во потрага по географскиот крај на светот.
Рамноземјашите се супер раја. Како прво, не се насилни (можеби тоа е резултат на просветленоста), како второ – сакаат да ги освестат и другите, и како трето – се многу креативни и разнолики во теориите. Сé се тоа добри квалитети за суперзабавно реално шоу.
Што се однесува до разноликоста, на пример, има flatearther-и кои тврдат дека Земјата е бескрајна. Поконкретно, лежи во 5 димензии, и токму таа петтата димензија – која за луѓето е непоимлива и невозможна за објаснување, прави да не може да биде создаден функционален „рамен“ модел, а во пракса да работи овој глобалниот (кој го користиме за навигација, успешно). Но и покрај збунувачката ситуација на терен, застапниците на оваа теорија знаат дека Земјата е рамна, преку нивната „спиритуална интуиција“. Со други зборови, глобалниот модел работи не зашто Земјата е топка, туку заради манифестацијата на 5-тата димензија…
Заедничкото на застапниците на 5Д теоријата и „поприземјените“ рамноземјаши е дека и првите и вторите веруваат дека не постои Антарктикот, т.е. дека Јужниот пол е всушност висок и масивен (со километри и километри дебел) леден ѕид кој ја обиколува нам познатата површина. Нешто вака:
Е сега, според 5-димензионалците, зад овој леден ѕид Земјата се протега до бесконечност и попат има многу светови како нашиот, 5-димензионални. Ако Илуминатите ни дозволат, ќе можеме да почнеме да праќаме луѓе преку мразот и да патуваме до нив.
Според останатите рамноземјаши, зад Антарктикот/ледениот ѕид, е работ на Земјата. Кога Илуминатите би нé пуштиле да поминеме низ процепите („портите“) во ѕидот, веќе нема да може да се манипулира со масите, туку ќе се знае – Земјата е рамна.
Е сега замислете го документарното реално шоу. Идејата, ете, не е наша, ама ние ги разработивме деталите. Прва сезона: Во првите 5 епизоди, рамноземјаш тргнува кон ледениот ѕид, но не успева да стигне, бидејќи некаде на полпат, од X непланирани причини, патувањето е оневозможено (мора да има тупење, нели). Во вторите 5 епизоди, друг рамноземјаш стигнува до нешто што личи на леден ѕид. Втора сезона: Во првите 5 епизоди рамноземјашот наоѓа „порта“ во ледениот ѕид, и да, чувана е од Илуминатите. Во вторите 5 епизоди се обидува тајно да помине, но загинува „под мистериозни околности“. Трета сезона: Во првите 5 епизоди друг рамноземјаш успева да стигне, некако да ги измами „чуварите“ и да помине низ портата. Во вторите 5 епизоди стигнува до крајот на ледениот ѕид. Во финалната епизода открива дека таму е работ на Земјата. Вистината се обелоденува, а научните кругови се шокирани и жедни да ја истражуваат новата вистина…
Или, открива дека зад ледениот ѕид копното продолжува да се протега до недоглед – во тој случај има и четврта сезона: Во првите 5 епизоди рамноземјашот се пробива низ новите неистражени територии зад ледениот ѕид и стигнува до нов свет. Вторите 5 епизоди го прикажуваат неговиот секојдневен живот во новиот свет. Таму има подобра плата, ама тамошните хуманоиди живеат без радост, љубов или било какви други емоции. Во финалната епизода, кога веќе е премногу стар, рамноземјашот признава дека посакувал да се врати. Поубаво било кај нас, макар нé чувале и Илуминати. Посакува никогаш да не се нафател да истражува дали Земјата е рамна. Тоа му го уништило животот…
Reddit како Reddit, секогаш има и алтернативни идеи. На пример, еден корисник предлага полесна и поевтина варијанта – шоуто да биде за рамноземјаши што ќе бидат праќани во вселената. Друг се согласува, но под услов шатлот што ќе ги пренесува да не се враќа на Земјата, туку да продолжи напред, што подалеку…