Златан Ибрахимовиќ е заинтересиран за преселба во редовите на ПСЖ, но само доколку францускиот клуб се согласи да му даде плата од 14 милиони евра годишно за следните четири сезони.
Со барањето за 270.000 евра неделно, неговиот агент Мино Рајола отпатува за Париз, каде што ќе седне на преговарачка маса со директорот на ПСЖ, Леонардо. Италијанските медиуми упорно тврдат дека Милан дал зелено светло за продажбата на Тијаго Силва и Ибрахимовиќ, но трансферите ќе бидат реализирани само доколку двајцата фудбалери ги договорат личните услови со амбициозниот француски клуб.
Интересно ќе биде да се види како Леонардо ќе одговори на барањата на Ибрахимовиќ, со оглед на фактот дека Швеѓанецот очекува дополнително зголемување на платата од огромни 12 милиони евра што ја зема во Милан. Искусниот голгетер е познат како „светски патник“, па во својата кариера настапуваше за Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона и Милан, па само прашање на време беше кога тој ќе посака да си замине од „Сан Сиро“.
Понудата од ПСЖ дојде во вистински момент, но прашање е дали „Светците“ ќе се согласат да му дадат толкава плата на фудбалер што во октомври ќе наполни 31 година. Договарањето на личните услови нема да биде никаков проблем со Тијаго Силва, кој што уште во јуни ги договори деталите од петгодишниот договор вреден 7,5 милиони евра по сезона.
Тогаш трансферот беше блокиран од страна на Силвио Берлускони, но сега и првиот човек на „Росонерите“ на своите најблиски соработници им соопштил дека најскапите фудбалери едноставно ќе мора да си заминат за да се намалат долговите на клубот.