Пешаците што зјапаат во смартфонот и не гледаат каде одат стануваат сé почеста глетка. Се разбира, таквото однесување носи ризици од повреди и станува проблем за нивната безбедност, безбедноста на другите пешаци, а еве, и за одредени телефонски компании.
Така на пример, компанијата Mlab од Белгија (производител на телефони), дневно поправа дури 35.000 телефони за своите корисници, од кои најголемиот дел од нив се расипуваат при „судар“ со други пешаци. Затоа, по иницијатива на Mlab, во Антверп беа исцртани бели линии во пешачките зони, со кои е обележана специјална стаза за оние кои порадо гледаат во своите телефони отколку да внимаваат да не се „залепат“ во некоја бандера, или уште полошо, во некој друг занесеник.
Ваквиот проект на јавноста и беше предложен во 2014-тата, кога во една емисија на ТВ каналот на National Geographic беше претставен како решение за проблемот на безбедноста во сообраќајот во времиња кога наводно одговарањето на текст пораки и читањето на најновите вести се приоритет дури и на екстремно важните места во човечкото секојдневие. Веќе во септември, светските медиуми со резервирана радост ја пренесоа веста дека кинескиот град Чонгчинг добил стаза по примерот на предложениот ефект, а еве, откако се покажа како доста успешен во Кина, и Европа почнува со постепената имплементација, било да е тоа по нарачка на градските власти, или како во случајов, на компанија која сака малку да се одмори од глупоштините на своите клиенти.
Од друга страна, вреди да размислиме дали ние како човештво треба ваквите нус-појави да ги прифаќаме со широки прегратки и да го прилагодуваме секојдневието на начин што не само што нема да ги спречи, туку ќе ги промовира, или треба едноставно мудро да си молчиме и да ја оставиме природната селекција да си го направи своето. И онака (како што се навестува од видеото) речиси никој од таргет групата нема да внимава да се движи во означената стаза: