Владата на Хрватска по одржаната телефонска седница донесе одлука за воведување вонредни мерки за контрола на цените на одредени производи.
Со неа, цените на најважните продукти за исхрана, на средствата за хигиена, детергентите, на лековите и на одредени производи за заштита на здравјето не смеат да се продаваат по цени повисоки од онаа што тие ја имале на 30 јануари оваа година, ден кога СЗО го прогласи Ковид-19 за закана по здравјето од меѓународни размери.
Со одлуката се одредуваат производи на кои се применуваат мерки за конрола на цените на: брашно, млеко и млеко во прав, јајца, шеќер, сол, ориз, тестенини, свежо месо, риба, овошје и зеленчук, месни конзерви, рибни конзерви, масло за јадење, детска храна, детски пелени, вода за пиење, детергент за алишта, детергент за садови, сапун, средства за дезинфекција на вода, простории и раце, заштитни комбинизони и друга заштитна и медицинска облека, заштитни очила и визири, заштитни ракавици, заштитни навлаки за чевли, маски, респиратори/транспортни вентилатори, лекови и медицински производи.
Од Владата на Хрватска сметаа дека со оваа одлука ќе ја спречат негативната појава на зголемување на цените и нивното монополистичко одредување во ситуација кога најважно е да се осигура заштита на здравјето и животот на луѓето.
-„Исто така, со оваа одлука се овластува министерот за економија, во случај на опасност од недостиг на овие производи, да ја ограничи нивната продажба надвор од Хрватска,“ се вели во одлуката на Владата.
Извор Слободен печат