Откако на стартот на мундијалот Хрватска загуби од Бразил со 3:1. селекторот на хрватската репрезентација, Нико Ковач, го искритикува јапонскиот судија Нишимура, кој што му досуди на Бразил непостоечки пенал.
„Ако е тоа пенал, тогаш да играме кошарка. Ова е кражба, момците се борат, даваат се од себе, се подготвуваат и тогаш ви доаѓа судија недостоен за вакви натпревари. Срамота“, изјави Ковач.
Во ист стил продолжи и Лука Модриќ, кој смета дека судијата ставил дамка врз светското првенство.
„Доаѓаш на првенството, го играш најубавиот фудбал што го знаеш и тогаш судијата упропастува се“, истакна Модриќ, кој сепак одби да дава поопширни коментари за судењето.
Од другата страна пак се огласи и селекторот на Бразил, Луис Фелипе Сколари, кој што нагласи дека последна е одлуката на судијата кој што „знаел“ што суди…
„Можеби цел свет не виде пенал, но судијата видел и тој е тој што одлучува. И ако мене ме прашате мислам дека беше пенал, а имаше и одредени одлуки кои беа против нас. Но, тоа се негови проценки и нема што сега да коментираме“, истакна по мечот Сколари.
„На Ковач, за сите коментари, ќе му кажам дека Бразил досега бил пет пати светски шампион. Ако ова е циркус, тогаш досега исто така сме биле на пет циркуси на кои сме победувале. Разбирам дека тој мора така да зборува. Веројатно и јас истото би го кажал да бев во негова кожа. Но, судиите не се тие што му носат победи на Бразил“, додава Сколари.