„Христос се раѓат, на светот радост“ – нова божикна песна на Љубојна во соработка со Бигорски манастир, со мијачки шмек (ВИДЕО)

По повод денот на раѓањето Христово, здружението „Бадникови поворки“, со благослов и сесрдна помош на Бигорскиот манастир, објави, како што велат – како подарок за верниот народ, нов Божикен спот. Се работи за Божикната песна насловена „Христос се Раѓат, на светот Радост“, во изведба на Љубојна.

„Со голема радост соопшуваме дека и покрај строгите протоколи за работа и отежнатите околности што ги создаде пандемија на ковид-19, успеавме да ја исполниме нашата света должност и да оставиме за навек уште едно музичко дело. Најголема благодарност упатуваме до Епископот Антаниски и Игумен Бигорски Партениј, за неговата безрезервна духовна поддршка за целиот тим во текот на целиот процес на создавање на делото“, велат од здружението.

Видео записот за ново-возобновената Божикна песна (каланда) е снимен во прекрасните предели на славниот Галичник и во манастирските одаи на Бигорскиот манастир. Оваа музичка творба потекнува од широките балкански простори од времето на Ромејското Царство, Византија, и се пеела меѓу мијачкото население, заради што и сегашната верзија е отпеана токму на познатиот мијачки дијалект. Нејзиниот народен мелос, пак, е карактеристичен за нашите простори, како и за богатата традиција која сме ја сочувале како наследници на ромејската култура и духовност.

Екипата, која со огромна љубов, радост и посветеност се собра за да го оствари овој историски потфат во чест и спомен на богатиот творечки дух на Мијаците, на нивната вера и ревносна борба за зачувување на православната вера и традиција и во најтешките времиња, е во состав на:

Изведба: „Љубојна“

Соработници: Традицискиот оддел при ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”;
Пејачи: Анастасија Илиевска, Матеј Тушевски и Стојанче Костов;
Инструменталисти: Благојче Трајковски – кларинет, Тимко Чичаковски – канон, Петар Христов – кларинет и византиска лира, Оливер Настовски – ут, Игор Милевски – виолина, Оливер Јосифовски – византиски контрабас, џумбуш, византиска лаута, перкусии, контрабас.

Аранжман: Оливер Јосифовски
Музички инжинер: Ангел Ќосев
Снимање, миксање и мастеринг: Студио „Подрумот“

Режија – Дејан Пројковски
Директор на фотографија – Горан Наумовски
Монтажа и камера оператор – Стојан Стојановски, Кристијана Ангелоска
Продукција – 2С Студио: Јасмина Колоска, Стојан Стојановски

Учесници: Љубојна, актер – Мето Јовановски, голем број на музичари и статисти.

Голема благодарност до:
Стручен соработник – Антонио Стојчески, Хотел Неда – Галичник, Ансамбл Орце Николов – Сашо Кузаревски, Ансамбл Етнос – Ване Наков, Ансамбл Македонија – Владо Јаневски, Александар Костиќ – Претседател на месна заедница Галичник, шминка Марга Миновски.

Во продолжение, и текстот на песната:

ХРИСТОС СЕ РАЃАТ, НА СВЕТОТ РАДОСТ!

Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.

Четириесет дни и толку ноќи
Дева бдееше, топло молеше.

На крај е дојде време да родит,
та бргу барат баби да дојдет.

Баби да дојдет, миро да носет,
миро да носет, да е послужет.

Дури се најдет, дури да дојдет,
Марија Дева Христа Го роди.

Христа Го роди, Господ на сите,
Господ на сите – в пештера бедна.

В пештера бедна, ширна полјана,
ширна полјана, ко сонце блесна.

Ко сонце блесна, ко сјајна луна,
ко сјајна луна, на светот светлит.

Нек’ светлит така и в’ оваа куќа
и в’ оваа куќа, на сета рода.

На сета рода мир да е дават,
мир да е дават, да множит љубов.

Да множит љубов за добри дела,
за добри дела, за сите ближни.

Христос се раѓат – на светот радост,
на светот радост, на сите луѓе.

- Реклама -