Тоа малото портокалово што левитира над оваа футуристичка структура на планината Сонгшан во Кина е навистина монах. Додуша, не лета чисто со моќта на медитацијата. Под него има џиновски вентилатор, скриен во внатрешноста на структурата. Се работи за вертикален воздушен (ветерен) тунел, какви што се користат при тренинг за падобранство и скајдајвинг.
Shaolin Flying Monks Temple е дизајниран од архитектонското студио Mailītis Architects и е всушност амфитеатар со 230 седишта, каде што шаолинските монаси ќе одржуваат неделни шоуа. Зошто потребата од воздушен тунел? Архитектите велат дека концептот е „да се раскаже историјата на Зен и Кунг-фу низ уметнички перформанси и архитектурниот имиџ на самата градба“.
Овие планини се дом на заштитениот од УНЕСКО „Шаолински манастир“, кој исто така се смета за родна лулка на зен-будизмот и боречката вештина Кунг-фу.
Инаку, воздушниот тунел ќе биде отворен и за посетителите, не само за монасите.