Храброст, надеж и љубов: Мајка од Скопје на 61 година го роди своето прво дете

Шеесет и едногодишна жена од Скопје го роди своето прво дете на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, со што стана највозрасната прворотка во Македонија. Бебето, зачнато преку ин-витро постапка, и мајката се во стабилна состојба.

Според директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиоска Папестиев, ова е доказ дека медицината во Македонија може да се споредува со светската. Таа истакна дека пациентката е првата во земјава што родила со сопствена криопрезервирана јајце-клетка, а целокупниот третман, бременост и породување се извршени во Македонија.

Бебето Петар, тежок 2.350 грама и долг 48 сантиметри, е родено со царски рез во 36-тата недела од бременоста. Иако мајката имала висок крвен притисок и дијабетес, бременоста била успешно контролирана.

Пациентката има долг медицински историјат со три претходни интервенции, две во Белград и една на ГАК. Операцијата поминала без компликации, а раѓањето на Петар претставува значајно достигнување за македонската медицина.

- Реклама -