Експлоататорскиот хорор наречен „Работам во Tesla“

Илон Маск е мултимилијардер. Според Bloomberg, како CEO на Tesla е петтиот најплатен директор од американска компанија, со плата од околу 100 милиони долари во 2016-та година. Уште поважно, Маск е човекот кој се зарече дека со производство на своите електрични автомобили ќе ја прекрои и ќе ја промени автомобилската индустрија од нафтени деривати кон обновливи извори. Значи, историјата ќе го памти како човекот кој ќе го промени светот и ќе го задолжи човештвото и планетата за век и векова, бидејќи не спасил од катаклизмата на климатските промени.

Сепак, неговото лице е капиталистичко, и носи една голема грозна темна дамка. Како што пишува Guardian, 10-те илјади работници во фабриката на Tesla во Фремонт во Калифорнија работат во ужасни услови. Во 2014-та година, Брза помош интервенирала нешто повеќе од 100 пати: поради паѓања во несвест, вртоглавици, разни невролошки напади, проблеми со дишењето и нарушувања на работата на срцето. А што се однесува до повредите, медицинска помош била побарана неколку стотина пати. Сé тоа во една година.

Сé се ова последици од големиот притисок да се работи неподносливо брзо и од агресивната амбиција на Маск да се остварат целите (кои често се граничат со лудост), па работниците неретко трпат повреди кои ги доведуваат и до инвалидитет.

Во очите на Холивуд, Илон Маск е Iron Man. Во очите на работниците, е тиранин. 

Верзијата на Маск, пак, е дека се грижи за своите работници. Другото оправдување му е дека Tesla просто мора така бесмислено интензивно да работи, и дека не вредат 50 милијарди долари на пазарот како што смета цел свет.

„Ние сé уште сме компанија која губи пари. Не е тоа ситуација во која ние сме само алчни капиталисти кои одлучиле да штедат на безбедноста на работниците за да добијат на профит и заради раст на дивидендата“, тврди Маск за Guardian.

Малку од тоа му оди во прилог.

„Сум видел луѓе како се онесвестуваат, како плеснуваат на подот како палачинки и си го разбиваат лицето. А тие нас нé растеруваат ако се собереме околу него додека овој лежи на подот“, сведочи Џонатан Галеск – еден од техничарите во Tesla.

Мајки Катура опишува како негов колега на подвижната лента за пакување батерии „само работеше, работеше, работеше… и во еден момент само се спружи на тлото“.

Ричард Ортиз – уште еден од работниците, во една прилика пофали како изгледа катот каде автомобилите се поставени за продажба. „Ти се чини како да си умрел и си отишол на небото во некаков рај за автомобилски работници. Сé овде оддава футуристички впечаток, освен нас“.

Тесла е очигледен пример за контрадикторноста на технолошките иноваторски старт-апи, кои во својата суштина почиваат на производство и економијата на капитализмот, т.е. се базираат на истото тоа доба кое сакаат да го надминат.

Најлошото допрва доаѓа 

Не многу одамна, Маск бомбастично најави цел од пола милион произведени автомобили во 2018-та година, што претставува зголемување од 495% во однос на 2016-та година. Тоа би требало да биде остварено подеднакво потпирајќи се на роботите, ама и на мускулите и физичката работа на илјадниците работници.

Ниските плати, масовноста на повредите, долгото работно време… Со сé тоа, Маск ги доведе луѓето до тоа овие да почнат да коваат планови за синдикално да се организираат. Чекај, нели футуристичка компанија?

Еден од работниците има многу добра поента: дека кога ја почнувал Tesla, Маск едноставно го превидел фактот дека тоа нема да биде само куп добри програмери кои седат на компјутер и пишуваат кодови.

Мајкл Санчез вели дека бил во екстаза кога пред 5 години добил работа во Tesla. Сметал дека компанијата е „дел од иднината“. Санчез повреди два диска во ‘рбетот. Денес е на боледување и не може безболно да држи ни пенкало. Верзијата на Tesla е дека настрадал додека монтирал волан на автомобил. Санчез вели дека тоа не е вистина, туку дека тоа е последица на годината и кусур помината на подвижната лента, и тоа на таква лента на која автомобилите поминуваат над тебе, а ти стоиш цел ден со рацете над главата и работиш. (Пробајте колку долго ќе издржите со кренати раце, еве не мора ништо да работите).

„Можеш да го издржиш понеделник. Можеш да го издржиш и вторник. Веќе во среда почнуваш да чувствуваш нешто. Во четврток те боли. Во петок си во вистинска агонија. Во сабота единствено чекаш да помине“, опишува Санчез.

Тоа што Tesla не може да го оспори е дека од 2013-та до 2016-та, зачестеноста на повредите и болестите во фабриката (зборуваме за пријавените), е над просечните вредности во индустријата.

Компанијата ги објави тие бројки дури неодамна, но само за да се пофали дека „денес веќе не работат така“. Велат дека сега вовеле трета смена – што е ужасно „решение“, бидејќи тоа нема да го скрати работното време на работниците, туку само ќе ги премести да го одработуваат ноќе. Многу подобро ќе беше да се воведат експерти за ергономија и тимови за безбедност во работата, ама…

Прочитајте и:  Илон Маск: „Оптимус“ и „Сајбертрак“ на Марс до 2026 година

На Илон Маск му е најтешко (!?)

Тоа не го спречува Маск да се дрзне да се пожали и самиот лично. „Неверојатно повредува лагата кога било кој тврди дека не ми е гајле… Моето работно место е најлошото во компанијата, најболното… Не е тоа само некоја удобен агол во канцеларијата“, вели мултимилијардерот. „Знам дека на луѓето им е тешко, работат многу долго на тешки задачи. Јас сакам да работам и понапорно од нив, и повеќе часови од нив, бидејќи сметам дека тоа е должност на менаџерот. Не затоа што тоа е начин за да се обогатам, туку затоа што веруваме во одржлива енергетска иднина, затоа што се обидуваме да го забрзаме преминот кон чист транспорт и производството на чиста енергија“, објаснува Маск.

Но, на крајот од денот, Маск не работи понапорно, не работи подолго и и те како се збогатува.

Вреди да се нагласи дека и работниците во Tesla го делат ентузијазмот и му веруваат на Маск околу крајните цели. И Ричард Ортиз го потврдува тоа: „Ние го менуваме светот. Не можам да дочекам еден ден да ја видам внука ми меѓу другите деца гордо да се пофали дека и дедо ѝ бил таму“. Но проблемот, вели Ортиз, е што работниците дури и да се роботи, би страдале од замор на материјалот, а не се, туку се луѓе од крв, месо и коски, луѓе кои не можат да не гледаат во какви услови работат. И огорчени се од тоа. Можеби Ортиз сé уште го дели ентузијазмот на Маск бидејќи уште не заработил конкретна повреда, за разлика од колегите. Но и Ортиз веќе некое време е преплашен и во паника откако забележал дека почнува да ја губи силата во десната рака. Што ќе прави во иднина? Или позајадливо речено – во футурата кон која се стреми неговата футуристичка компанија?

За разлика од Маск, на работниците „не им е препорачливо“ да се пожалат 

Многу од работниците пријавуваат повреди по репетитивната работа во текот на предолгиот работен ден. До октомври 2016 година, работеле, велат, сосема вообичаено, по 12 часа дневно, шест дена во неделата. По ноември за половина им се намалени прекувремените часови (што значи од 4 на 2, па сега работат по 10 часа).

И Санчез и неговите колеги се сложуваат дека повредите настануваат исклучиво затоа што управата на компанијата со години не ги сфаќа сериозно кога работниците опишуваат што им се случува, низ што сé поминуваат и што сé трпат. Некои од менаџерите дури биле и просто груби, одговарајќи со „Сите нé боли“, или со заебанции од типот „Што бе, не можеш да станеш?“.

Од компанијата се правдаат дека имаат 10.000 работници и дека некои изолирани случаи напросто не можат да бидат избегнати. Некои од работниците, за волја на вистината, велат дека им е супер. „Имам бенефиции, имам акции, имам годишен одмор…“, вели еден од нив. Друг, привремено вработен, вели дека забележал дека наутро работниците се загреваат и растегнуваат за да ги намалат шансите за повреди во текот на денот. Но дел од работниците обелоденуваат и дека Tesla ги обесхрабрува воопшто да ги пријавуваат повредите, макар и тоа да е индиректно.

Имено, ако се пожалите на повреда, може да ве префрлат на полесно работно место. А таму… „Од плата од 22 долари на час, паднав на 10 долади на час“, вели еден работник кој на два наврати го повредил грбот. Поучени од искуствата на колегите, многу од работниците си ќутат и продолжуваат да работат со повреди.

Во првиот квартал од 2017-та, Tesla произведе 25.000 автомобили (од предвидените 500.000 во 2018-та, за споредба). Дури и тие 25.000 во еден квартал беа рекорд на компанијата. За Tesla и Маск да ги остварат целите во 2018-та, темпото на работа ќе мора четирикратно да се зголеми. Ако не темпото, тогаш бројот на работници – што е малку веројатно (дури и компанијата да го зголеми бројот на работници, тешко дека ќе вработи 4 пати повеќе од тие што ги има во моментов).

Работник од лентата за пакување вели: „Сметам дека основниот проблем е што на врвот поставуваат нереални квартални цели“. Тројца други работници ја опишуваат менаџерската тактика секое доцнење да биде изразено низ пари. „Еднаш еден робот откажа, а контролорот дотрча вриштејќи: Тоа се 18.000, 20.000, 30.000, 50.000 долари загуба затоа што вие сте неспособни да го поправите!“, вели Геласк.

- Реклама -