Honda подготвува офанзива кај дизелите

Јапонската компанија Honda во последните неколку години беше само добар набљудувач кога е во прашање борбата за превласт кај дизелските агрегати, но одлучи дека е крајно време да се инволвира во неа. За таа цел ќе бидат разработени неколку дизел верзии врз основа на новиот 1,6-литарски I-DTEC.

Honda на пазарот во Европа се потпираше само на еден мотор со дизел гориво, кој се појави уште во 2003 година. Тоа е четирицилиндерскиот мотор со зафатнина од 2.2 литри кој претрпе неколку промени и се нуди на голем дел од моделите на компанијата. Сега Јапонците одлучија да не заостануваат од современите трендови, уште повеќе што компактните дизел агрегати заземаат 58% од европски пазар.

Honda-i-DTEC

Како што објасни шефот на одделот за развој на моделот Civic I-DTEC, Саухиро Таши, новиот 1.6 литарски мотор на Honda е природна еволуција на досегашниот 2.2 литарски агрегат. Според него, овој агрегат ќе има најдобра во класата комбинација помеѓу перформанси и ефикасноста – при моќност од 120 КЅ и вртежен момент од 300 Nm потрошувачката на гориво ќе биде 3.8 l/100 km, а нивото на штетни гасови СО2 околу 94 g/km.

– Ваквите перформанси се постигнати благодарение на ниската тежина на моторот и триење. Новиот мотор тежи за 47 килограми помалку од претходникот со зафатнина од 2.2 литри. Уште седум килограми се заштедени благодарение на новиот 6-брзински автоматски менувач. Внатрешното триење е за 40% помалку во споредба со 2.2-литарски мотор – дополнува Таши.

- Реклама -