Холандскиот премиер најави враќање на граничните контроли за земјите што не примаат мигранти

Холандскиот премиер Марк Руте, во интервју за холандската телевизија NOS, ги предупреди земјите од Источна Европа кои се потписнички на Шенгенската спогодба за слободно движење, да прифатат поголем број мигpaнти и бегалци. Тој порача дека овие земји, кои се членки на ЕУ, не можат да ги уживаат само предностите, туку мора да преземат и некаква одговорност. Тие не можат да бидат оставени да се гордеат со своето членство во Шенген зоната, без притоа да покажат солидарност со останатите земји потписнички, што се подразбира со самото членство.

Доколку тие не го направат тоа, порача Руте, западноевропските земји можат повторно да воведат гранични контроли.

„Неприфатливо е неколку земји да го прифаќаат најголемиот број од мигpaнтите. Она што ние, како западноевропски земји, можеме да го направиме, е одново да воведеме гранични контроли кон источноевропските земји“, изјави тој.

Прочитајте и:  Руте ја назначи Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО

Како пример Руте ја издвои Унгарија, која воопшто не им помага на барателите на азил, дури ни кога азилантите воопшто не сакаат да се населат или задржат во Унгарија, туку во друга европска земја. Во Унгарија, покрај тоа, е на сила и закон што забранува укажување на помош на барателите на азил, кои поради тоа завршуваат на границата на таканаречена „ничија земја“, каде ни хуманитарните организации немаат пристап.

Како што рече Руте во интервјуто, за својата идеја за воведување на гранични контроли за ваквите земји веќе разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, а наскоро ќе разговара и со германската канцеларка Ангела Меркел.

- Реклама -