Холандскиот амбасадор чепна каде што боли: Претендирате за рамноправна членка на ЕУ, а очекувате ЕУ да ве води за рака?

Фото: Ѓ. Личовски / СДК

„Зошто луѓето очекуваат дека ќе бидат земени за рака и дека ќе треба само да следат инструкции наместо да преземат одговорност и самите да ја завршат тешката работа?“ – одговара со прашање холандскиот амбасадор во земјава – Дирк Јан Коп, прашан дали и како ЕУ ќе продолжи да ги мотивира нашите политички елити да продолжат со реформите, сега кога добивме блокада и од Бугарија, имајќи го во предвид она што се случи по блокадата од Грција, кога истата послужи за изговор за сите застранувања од европскиот пат.

Дали е задача на ЕУ да ја мотивира Северна Македонија?“, враќа со суштинско прашање амбасадорот, во интервју за „САКАМДАКАЖАМ.мк“. „Дали е логично да се бара тоа, а истовремено да се очекува за некоја година да се биде на истата маса во ЕУ како полноправна земја членка со еднакво право на глас? Секако дека ЕУ сака стабилни и просперитетни нации на Балканот. Но одговорноста за тоа е ваша. Зошто луѓето очекуваат дека ќе бидат земени за рака и дека ќе треба само да следат инструкции, наместо да преземат одговорност и самите да ја завршат тешката работа?“, прашува Коп.

Тој посочува една неодамнешна анкета според која 56% од анкетираните сметаат дека владата не може да ги оствари резултатите без надворешен притисок…

„Ова е загрижувачки процент за една суверена и независна држава. Бидејќи иднината на Северна Македонија е во наш интерес, ние сме тука за да помогнеме во овие процеси, и како што и Вие споменувате, тука сме од самиот почеток. Даваме значителна поддршка уште од независноста. Таа посветеност не би требало да се носи под знак прашање на секој семафор. Како можеме ние да ве мотивираме вас, политичкото водство и населението, ако вие не можете самите да се мотивирате?“, прашува амбасадорот.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Според него, корупцијата во македонското општество, во целото македонско општество, е „состојба на умот“ – „од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца“.

Постоечката корупција исто така води кон потреба за изнаоѓање на политички баланс при секое назначување на државна функција, додава тој. „На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност“, вели холандскиот амбасадор во земјава.

Со слична строгост, но со поинакво гледиште од она кое доминира во земјава, Коп одговара и за спорот со Бугарија, не/поддршката од Холандија и не/оправданоста на евроскептицизмот, кој е во пораст. Според него, Северна Македонија не е ставена во неправична позиција, туку напротив, актуелната состојба со европроширувањето би требало дополнително да ја стимулира државата да ги преземе следните неопходни чекори на патот кој го избрала. Од друга страна, смета дека спорот со Бугарија премногу се драматизира, со оглед дека конечната цел не е надминување на бугарската блокада, туку членството во ЕУ. Порастот на евроскептицизмот, пак, како и замерките за молкот на Холандија во поглед на бугарските барања, според Коп се резултат на кратка меморија. Повеќе за тоа прочитајте во целосното интервју на „САКАМДАКАЖАМ.мк“.

- Реклама -