Хјустон доминираше над Њујорк

Хјустон Рокетс одигра фантастичен натпревар и сосема заслужено го посрамотија составот на Њујорк Никс со 131:103, со што „Ракетите“ уште еднаш покажаа дека со засилувањата ангажирани пред стартот на сезоната планираат да се борат со најквалитетните тимови во лигата.

Џејмс Харден, кој што пристигна од редовите на Оклахома Сити, уште еднаш беше предводник на составот на Хјустон, постигнувајќи 33 поени, два повеќе од Чендлер Парсонс, кој го одигра најдобриот меч во својата кариера.

Натпреварот против Њујорк беше од особено значење за Џереми Лин, кој што реализираше 13 поени, 7 скокови и 3 асистенции во дуелот со својот поранешен клуб.

Нападот на „Ракетите“ функционираше беспрекорно во првото полувреме, кога овој тим постигна 72 поени. Њујорк некако успеваше да се одржи во мечот се до почетокот на четвртата четвртина, кога Хјустон со серија од 10:0 стигна до позитива од 20 поени и ги разреши сите дилеми околу победникот.

Мемфис Гризлис е тимот со најдобар скор во НБА лигата на стартот од оваа сезона (9 победи и два порази), откако „Гризлите“ без поголеми проблеми славеа во дуелот со ЛА Лејкерс со 106:98.

Коби Брајант повторно беше единствениот расположен играч на Лејкерс, постигнувајќи 30 поени, додека Хауард го заврши мечот со седум, а Гасол со шест поени. Залуден беше придонесот на Џејмисон од клупата со 16 поени, кога сите пет стартери на Мемфис стигнаа до двоцифрен ефект, предводени од Руди Геј и неговиот 21 постигнат поен.

- Реклама -