Организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“ денеска го обвини Израел дека намерно на Палестинците им го оневозможува пристапот до храна, вода и други неопходни потреби, оценувајќи дека гладувањето на цивилното население е воено злосторство.
Во исто време, „Хјуман рајтс воч“ ги повикува светските лидери да одговорат на оваа ситуација во Газа.
Директорот на „Хјуман рајтс воч“ за Израел и Палестина, Омар Шакир денеска изјави дека има најмалку пет докази дека Израел намерно ги изгладнува Палестинците во Појасот Газа и дека тоа е воено злосторство.
Шакир наведе дека првиот доказ е дека повеќе од два месеци е блокиран влезот на храна и вода во Појасот Газа, а вториот е дека е дозволен влез само на мала количина на помош. „Тоа беше документирано повеќе од два месеци“, изјави Шакир за Ал Џезира.
Шакир истакна дека третиот доказ е уништувањето на земјоделското земјиште во Појасот Газа во израелските напади.
Како четврти доказ, Шакир изјави дека Израел намерно уништува објекти неопходни за живот во неговите напади, како што се мелници, болници, водоводни цевки и канализација.
Како петти доказ, тој ги посочува изјавите на израелските функционери кои, како што рече, „јасно ставиле до знаење“ дека нивната стратегија била да изгладуваат цивили во Газа како средство за постигнување политички исходи, како што се ослободување заложници или уништување на Хамас.
Во новиот извештај „Хјуман рајтс воч“ наведува дека Израел го користи изгладувањето на цивилите како воено оружје во Појасот Газа. рп/
МИА