Химлер бил прелажан да поштеди 300.000 Евреи

Во новата книга „In The Name of Humanity: The Secret Deal to End the Holocaust“, Канаѓанецот Макс Валас вели дека открил докази што покажуваат дека „поштедените“ Евреи кон крајот на војната биле резултат на напорите на пар добродушници кои се дрзнале на Хајнрих Химлер да му направат фора.

Имено, Химлер (главниот „архитект“ на Холокаустот) бил убеден да го донесе декретот за стопирање на масовната егзекуција на Евреи преку тајни преговори иницирани од Реха Стернбух и нејзиниот сопруг.

Стернбух е позната по тоа што спасила стотици Евреи од окупираните територии шверцувајќи ги во неутралната Швајцарија, иако во една прилика била и уапсена. Таа успешно набавувала патни документи од разни земји во светот, кои потоа ги користела за да ги испрати Евреите на безбедно.

Реха Стернбух

Валас вели дека има „убедлива документација“ откриена во архивите на ортодоксна еврејска група во Њујорк. Доказите велат, наводно, дека во 1944 година Стернбух и нејзиниот сопруг го ангажирале поранешниот претседател на Швајцарија – Жан-Мари Муси да води тајни преговори со Химлер за да го убеди да спречи понатамошно убивање на Евреите во концентрационите кампови.

Химлер, иако меѓу највисоките челници на нацистичка Германија и лидер на големи армиски групи, кон крајот на војната бил свесен дека германската кауза е безнадежна и дека е само прашање на време кога Сојузниците ќе ја направат финалната офанзива и ќе ја окупираат неговата земја. На крајот на ноември 1944 година, тој наредува стопирање на убивањата на Евреите во концентрационите кампови, како и уништување на гасните комори во Аушвиц. Историчарите на овој потег гледаат главно како на обид да се уништат доказите за геноцидот врз Евреите, за Химлер да добие помала казна за воени злосторства.

Прочитајте и:  Хаарец: Нетанјаху исклучен од најголемата еврејска конференција во Северна Америка
Жан-Мари Муси

Сепак, Валас аргументира дека одлуката е резултат токму на тајните преговори меѓу Химлер и Муси. На овие средби, наводно, Муси го убедил Химлер дека ако ги прекине убиствата, Германија ќе може да преговара со Сојузниците. Во тоа време, Химлер бил очаен „за влегување во одделна алијанса со некои од Сојузниците“, пишува Валас. Химлер го мразел комунизмот со истата страст со која ги мразел и Евреите, па се понадевал дека ќе може да ja здружи нацистичка Германија со непријателите од западот против нивниот заеднички непријател – Сталин, за заедно да го поразат Советскиот сојуз.

Сепак, идејата била чиста заблуда, а со декретот Химлер несакајќи поштедил околу 300.000 Евреи од сигурна смрт (иако уште многумина продолжиле да умираат во камповите од глад и болести).

Ако тврдењата на Валас се точни, а овие тајни преговори биле главната причина за наредбата на Химлер, Стернбух и Муси ќе се претворат во двајца од најголемите спасители на Евреи за време на Холокаустот.

- Реклама -